Сон на една летна ноќ
» Во светот на спортските автомобили со тркачко педигре, Shelby Cobra има посебно место. Со нејзиното појавување стана јасно дека на тркачката сцена повеќе ништо нема да биде исто, но тоа како да не важеше за Ле Ман. Нејзиниот креатор Керол Шелби имаше ноќни кошмари при самото споменување на името на легендарната 24-часовна трка бидејќи и покрај недостижните возни својства Cobra заради својата отворена каросерија имаше максимална брзина од 253 km/h, далеку помала од онаа конкурентите и губеше од нив на долгите правци. За конечно да забележи успех и тука, Шелби сета своја страст и умеење ги насочи кон создавањето на нов тркачки автомобил.
Гласините велат дека тој започнал со неговиот развој во 1963 година кога го сместил возачот Кен Мајлс во седиште поставено на голата шасија на Cobra, му ставил волан во рацете и околу него направил автомобил од дрво, картон и самолеплива лента. После тоа му е направена школка од алуминиум а брзинските резултати беа импресивни. Ова воедно беше и единствениот примерок на Daytona Coupe во целост направен во Америка – останатите пет се потпишани од Carrozzeria Gransport од Италија, а сите имаа успешна тркачка историја во која, се разбира, е вклучена и победата на Ле Ман во GT класата.