Најпрепознатливиот Rolls-Royce
» Уште од самото основање на Rolls-Royce, автомобилите од оваа марка ги следи епитетот најдобри во светот иако не сите го заслужија подеднакво. Silver Shadow е еден од оние кои го потврдија и дополнително зацврстија, додавајќи малку современ имиџ на понудата на британскиот производител. Имено, после втората светска војна, како и кај сите други, гамата на Rolls-Royce беше базирана на старата технологија. Ама таа во случајот на Rolls-Royce кој како марка ја негуваше својата традиционална филозофија на размислување, беше навистина конзервативна, да не кажеме дебело застарена. Затоа Rolls-Royce, иако малку подоцна од другите, на почетокот на шеесеттите години дојде во позиција очајнички да има потреба од целосно модернизирање на својата програма и барање на нови купувачи, во неговиот случај надвор од британската аристократија.
Застарената понуда, како технички така и дизајнерски, иако и понатаму престижна, доста скапа и луксузна, не нудеше решение за иднината, каква и да било кој ја замислуваше. Затоа се пристапи кон за оваа марка револуционерно размислување да се направи нов модел со карактеристичен дизајн и помодерна технологија кој не би ја компромитирал репутацијата на марката туку би ја пренесол на повисоко ниво. Рака на срце оваа идеја постоеше уште од раните 50-ти години, но заради огромниот традиционализам на куќата таа се развиваше доста, доста бавно. И токму во моментот кога се сметаше дека ваквата херметичка затвореност на Rolls-Royce ќе пресуди дека времето ја има прегазено марката, во 1965 година беше претставен Silver Shadow.
На автомобилската јавност ширум светот потполно ѝ беше јасно дека се работи за вистински претставник на куќата, наследник кој гордо ќе продолжи да го слави легендарното име и кој е доволно модерен да го изнесе низ непознатата иднина до наредното ресетирање на сфаќањата на купувачите, реално проценето за некои две-три децении. Тоа значеше автомобил кој под својата каросерија ќе ги опфати сите технички достигнувања на полето на луксузните модели, но кој дизајнерски и понатаму несомнено ќе биде вистински Rolls-Royce. Модерните линии во однос на претходникот Silver Cloud беа дури и револуционерни, посебно во однос на тропросторната каросерија која раскрсти со дотогашните естетски форми кои своите корени ги влечеа од 30-тите години. Затоа и двојните светла со отвори за воздух под нив станаа еднакво препознатлив симбол како и фамозната маска со славната фигура „Духот на екстазата“.
Модерниот но сепак конзервативен дизајн криеше и некои важни новини во конструкцијата – Silver Shadow беше прв Rolls-Royce со самоносечка каросерија, диск сопирачки и независно ослонување, дополнително подобрено со познатиот хидропневматски систем на Citroen. Под долгата хауба се најде 6,2 литарски V8 агрегат, кој пет години подоцна беше заменет со од него изведениот и добро познат 6,75 литарски мотор. Rolls-Royce имаше политиката официјално да не ја објавува максималната моќност на своите автомобили, но не беше тешко да се дознае дека Silver Shadow на почетокот имаше 172, а потоа 189 коњски сили. Иако овие бројки изгледаат мали за мотори со толкава зафатнина, големиот вртежен момент што го обезбедуваа гарантираше беспрекорна удобност во возењето. Производството се одвиваше рачно, беа користени најдобрите материјали а контролата на квалитетот беше ригорозна. Заради тоа и цената беше висока (скоро 12 пати повеќе од Mini и двојно повеќе од просечна куќа), но тоа не го спречи Silver Shadow да се етаблира како нешто што светскиот џет-сет апсолутно мораше да го има.
Во 1966 година беа претставени две различни верзии со две врати, кабриолет изведбата следеше наредната ’67-ма, а во 1969 година беше додадена и верзија со подолго меѓуоскино растојание. Во 1977-мата моделот беше модернизиран и ја доби ознаката Silver Shadow II. Промените вклучуваа и браници обрабени со пластика кои ја расипуваа беспрекорната естетика, но беа неопходни заради заострените безбедносни стандарди. Во 1980-тата, полни 15 години после претставувањето, Silver Shadow беше заменет со далеку помодерно дизајнираниот Silver Spirit. Беа произведени вкупно 30.057 примероци, плус уште 2.436 од неговата изведба која се продаваше под амблемот на Bentley. Овие бројки имаа огромно значење за Rolls-Royce овозможувајќи ѝ на компанијата сигурност и основа за понатамошен развој.