Автомобилот што ја спаси марката
» Уште од првиот момент кога се појави, Cayenne беше атракција. Ја заживеа марката, донесе многу нови купувачи и доведе до глобален успех. Porsche на средината на 1990-тите мораше да донесе некои важни одлуки за да ја осигура својата долгорочна економска стабилност. На почетокот на деценијата компанијата се најде во една од најдлабоките кризи во својата историја – со испорака од само 23.060 автомобили во финансиската 1991/92 година беше во дебел минус. Boxster лансиран 1996-тата започна да ја извлекува, но на раководството му беше јасно дека спортските автомобили си имаат свои пазарни лимити и нема да можат да ја осигурат иднината. Започнаа да се кројат планови за трет модел, на почетокот без цврста одлука од кој сегмент.
На препорака на американската продажна мрежа, падна одлука за теренско наместо моноволуменско возило кое исто така се разгледуваше. Ваквите возила беа посебно во тренд во САД, најголемиот пазар на Porsche во тоа време, а доаѓаа сигнали и од азискиот пазар кој се развиваше. Амбициите уште од самиот почеток беа високи – се сакаше да се направи во секој поглед исклучителен модел. Потфатот беше голем заради што беше решен како дел од заедничкиот проект со Volkswagen наречен Colorado, официјално најавен во јуни 1998 година – Cayenne и Touareg ќе делат иста платформа, но и покрај идентичната архитектура, секој производител ќе користи сопствени мотори и развие сопствени поставки на шасијата. Работата беше стручно поделена – Porsche беше одговорен за развој на платформата, додека Volkswagen за производството. Сепак за да се задржи особеноста, Cayenne само делумно се произведуваше заедно со Touareg во погоните на VW во Братислава, од каде некомплетните возила на финална доработка се транспортираа до новата фабрика на Porsche во Лајпцих.
Широките технички можности овозможија Cayenne во исто време да биде семејно возило, робусен теренец и доста динамичен спортски автомобил со типични Porsche гени. Со овие свои карактеристики тој многу влијаеше во обликувањето на сегментот. Прва генерација стартуваше како што може да се очекува од Porsche, со избор од два V8 мотора – новоразвиениот 4,5 литарски агрегат генерираше 340 односно 450 KS во турбо верзијата со кои се постигнува 242 односно 266 km/h. Динамиката во свиоците ја решаваше новововедениот електронски систем кој стандардно ја дистрибуираше погонската сила меѓу задната и предната оска во сооднос 62:38, кој со помош на повеќеламелна спојка можеше да варира од 100:0 до 0:100 ако е потребно. Надвор од асфалтните патишта, целосно блокираниот централен диференцијал спречуваше тркалата да се вртат во празно дури и ако накратко би се подигнале од тлото.
По премиерата на салонот на автомобилите во Париз во септември 2002 година, Cayenne и покрај измешаниот прием започна да го пишува својот светски успех, уште на стартот надминувајќи ги продажните очекувања – првобитно се планираше годишно да се продаваат по 25.000 примероци, но во осумте години од првата генерација беа продадени вкупно 276.652 возила.