Преглед на иконата низ генерациите
» Валтер Рерл својот прв 911 Turbo го има купено пред 45 години, а и првиот службен автомобил во Porsche исто така му беше 911 Turbo. Ова се неговите зборови за развојот на иконата низ генерациите.
Генерација 930
„Предокот на сите Turbo модели беше техничка револуција во производството на автомобилите. Првата варијанта со 260 KS и четиристепен менувач беше доста остра во поглед на развојот на силата, што ја направи фантастична и омилена меѓу вештите возачи. Визуелниот стајлинг исто така беше впечатлив со раширените крила во комбинација со исфрлените тркала, а за големиот заден спојлер во тоа време не ни требаше да се зборува. Си го остварив личниот сон во 1979 година кога откако веќе четири години беше на пазарот, го купив својот прв сопствен 911 Turbo.“
Генерација 964
„Наследникот тогаш уште имаше мотор со зафатнина од 3,3 литри како и последните верзии на 930. И натаму беше исклучително убав, препознатлив, со впечатливите проширувања од страна, високите светла и моќното задно крило. Но нудеше значително подобрена безбедност во возењето со ABS и серво управувач. Но моторите на првите верзии беа малку застарени, не нудејќи голем исчекор во поглед на динамиката во споредба со претходниците. Меѓутоа, тоа од темел се промени со Turbo 3.6 варијантата, која со целосно новиот мотор со 360 KS до денес на многумина остана автомобил од соништата.“
Генерација 993
„Беше тоа нов, брилијантен чекор напред, посебно со погонот на сите тркала. Верувам дека за тоа и јас самиот имав улога бидејќи претходно во текот на развојот имав кажано дека овој автомобил мора да добие погон на сите тркала, дека без тоа не е можно да се направи автомобил со 408 KS. После многу испитувања беше одлучено за новата вискозна спојка со променлива распределба на силината према напред наместо стариот принцип со фиксна распределба. Во комбинација со новата задна оска и складниот развој на силата на битурбо моторот, 993 Turbo едноставно беше фантастичен за возење и беше тешко да се надмине што се однесува на динамиката на возењето.“
Генерација 996
„Следната развојна пресвртница дојде со новата генерација која донесе водено ладење. Автомобилот беше технички извонреден. Беше стандардно достапен дури и со карбон-керамички сопирачки од тркачките модели. 996 беше далеку најдобар Turbo што до тој момент го имам возено, но визуелниот изглед на новиот автомобил не беше премногу популарен. Многумина се жалеа на светлата, што според мене беше потполно неоправдано. За мене тој беше спортски автомобил кој во целост е прикладен за секојдневно возење по разумна цена, иако лично повеќе би сакал мануелен менувач. Автоматскиот Tiptronic кој за прв пат е претставен во Turbo изведбата значително ја затупи излезната сила од 420 KS.“
Генерација 997
„Генерација 997 пред сé претставуваше исчекор во модерното доба во поглед на визуелниот стил. И денес автомобилот скоро да не е остарен – тој и понатаму ја отелотворува естетиката на модерен Porsche. Од техничка страна тогашната магична граница од 500 KS е достигната во 997.2 Turbo верзијата, а PDK менувачот со двојна спојка претставен за прв пат. Како резултат на тоа, автомобилот беше прекрасен. Ни денес сé уште не можам да пронајдам ништо негативно да кажам, а секогаш уживам да седам зад воланот на 997 Turbo. Постои чудесно аналогно чувство при координирањето на управувањето, шасијата и сопирачките.“
Генерација 991
„Уште пошироките крила скоро потсетуваат на изворниот Turbo модел. Тука се и профинетата распределба на силата на погонот на сите тркала, воведувањето на управувањето на задната оска и, секако, уште поголемата сила. Моделите 991 Turbo поставуваат толку високи стандарди во поглед на динамиката на возење што е тешко да се поверува дека е можно било што да се подобри. Одзивот, урамнотеженоста и силата на моторот – тоа е неверојатно кај оваа генерација.“
Генерација 992
„Бев прилично искрен кога кажав дека едноставно не можев да замислам дека би било можно дополнително да се подобри претходната генерација. Но сега кога го возам 992 Turbo, тој е навистина неверојатен. Уште еднаш се поправи во толку димензии што ме остави скоро без зборови. 992 Turbo е на ниво на суперспортски автомобил, ама зад управувачот без страв можете да ставете било кого. Нема ни надуправување ни подуправување, едноставно само е неверојатно брз. Ја симнувам капата на одделението за развој бидејќи бројни таленти што ги има ова возило пред неколку години беа недостижни.“