Кога минатото, сегашноста и иднината се преплетуваат
» Британците изгласаа да ја напуштат ЕУ со што автоматски пазарните услови за игра се сменија давајќи им приоритет на домашните производители кои не се толку насочени кон извоз. Се намали и вредноста на фунтата заради што сé што доаѓа од странство поскапе, така што возилата произведени дома сега се поконкурентни. Сето ова е плодно тло за некои марки кои светот надвор од Островот не ги познава да заживеат со својот некогашен сјај. Една таква е и производителот на автобуси Plaxton, кој иако сега е во канадска сопственост ужива бенефиции како домашна компанија, покрај сé наброено заштитена и со административни бариери кои нема да дозволат да клекне на колена заради глобализацијата во изминативе децении која секаде во светот завладеа. Тешко дека еден ден ќе видиме некој британски автобус во служба на нашите транспортери (ѓаволски се скапи), но вреди да се запознаеме со нив.
Компанијата основана во далечната 1907 година како столарска работилница набргу си го наоѓа своето место во градежништвото. Стекнатото искуството добро им доаѓа во проширувањето на понудата после првата светска војна. Првите нивни возила (со дрвена каросерија, се разбира) биле на шасии од Ford Model T. Растот на побарувачката за транспортни средства ги насочува кон производство на надградби на автомобилски шасии на Rolls-Royce, Sunbeam, Daimler и Crossley. Како тогаш било вообичаено автомобилските производители главно да прават само шасии, а надградбите ги препуштале на независни компании, во Plaxton имале полни раце работа сé до големата депресија кога побарувачката за луксузни возила драстично опаѓа. Како последица, дел од нивните производители се преориентираат кон автобусите.
Уште тогаш Plaxton, чие седиште е во познатото одморалиште Скарбото, својата иднина ја согледува во туристичките автобуси кои се негова специјалност и ден-денес. Нивните модели со својот препознатлив стил со заоблен преден дел и големи стаклени површини кои на страниците се протегаат и на кровот, со помош на туристите што ги превезуваат ја шират славата на марката. Во своите златни времиња компанијата согласно трендовите го напушта топчестиот дизајн и преминува кон покоцкасти форми. Но колку и да се успешни, со овие модели Plaxton ќе заплива во несигурни води. Следат бројни аквизиции, здружувања и заеднички компании како дома така и во странство а работите почнуваат да се мешаат до непрепознатливост кој е кој и што. Во 2007-мата стана дел од познатата група Alexander Dennis, која пак 12 години подоцна беше откупена од канадскиот NFI, кој ги зачувува идентитетите на британските марки.
Сето ова беше проследено со серија нови модели кои појавувајќи се еден по еден ја продолжија традицијата на трендсетери. Наследената репутација беше надградена со иновативност и стил изразени преку новите генерации автобуси, додека пак како најголема производствена база на Alexander Dennis, Plaxton за матичната компанија произведува и дел од нивните модели. Се проценува дека денес во употреба се околу 20.000 автобуси од марката Plaxton.