Попрактична алтернатива
» Кој вели дека караваните се мртви? И во Peugeot сметаат дека во старата добра Европа и понатаму има доволно купувачи кои место трендовските SUV-кросовери попрво би се решиле за попрактичните каравански верзии настанати на основа на популарните модели, па во согласност со тоа го подготвија и 308 SW од новата генерација. Неподелено е мислењето дека зад оваа ознака се крие еден од најубавите каравани на денешницата чија практичност пред сé се огледува во зафатнината на багажниот простор кој со задни седишта во употреба може да „проголта” 608 литри багаж. Без патници на нив багажникот нарастува до 1.634 литри, а можат да се пренесуваат предмети долги до 1,85 метри благодарение и на зголемената должина на автомобилот за шест сантиметри во однос на претходната генерација.
И Peugeot 308 SW го задвижуваат познатите мотори на PSA групата. Основата на конвенционалната понуда ја сочинува 1,2 литарскиот трицилиндричен турбо бензинец кој се нуди со 110 и 130 KS, со тоа што посилната верзија доаѓа само во комбинација со 8-степен автоматски менувач, а тука е и 1,5 литарскиот четирицилиндричен дизел со 130 KS. Одговор на сеопштата електрификација се двете плаг-ин хибридни верзии чии електромотори во комбинација со бензинските произведуваат 180 и 225 KS. Според WLTP стандардите, капацитетот на батериите е доволен за поминување 59 километри без капка бензин.