Градска икона која и денес има армија обожаватели
» Приказната за 205 е неодвоива од Жан Боало кој беше член на управниот одбор на Peugeot при крајот на ’70-тите. Тој во тешките моменти за компанијата го обмисли амбициозниот проект на нов мал автомобил кој би бил многу повеќе од возило за град. Затоа и за 205 се смета дека ги промени правилата на игра што се однесува до дизајнот, технологиите, маркетингот и спортот. Иако се мисли дека е дело на Pininfarina, негов всушност е само кабриолетот а самиот модел е сработен од интерниот стилски центар на марката кој му даде многу помодерни и пофлуидни линии во однос на дотогашните модели. Толку беше успешен што инаугурираше некои препознатливи знаци кои ќе се среќаваат и на сите идни модели на Peugeot, на пример маската со хоризонтални летвички и лентата меѓу задните светла. Внатрешноста пак е дело на Пол Брак, кој тогаш работеше за Peugeot.
Овој модел го означи влегувањето на марката во модерната ера – компактен но простран, ефикасен и економичен, практичен и прилагоден на сите намени. Тој беше првиот Peugeot со торзиона оска назад и исто така прв мал француски дизел автомобил, со мотори кои му обезбедуваа перформанси многу блиски до оние на бензинските изведби, но со многу пониска потрошувачка. Значајно за успехот на 205 е и тоа што имаше широка и разновидна понуда агрегати – од 45 до 200 коњски сили, но и автоматски менувач што беше ретка опција кај малите автомобили тоа време. Во 1998-мата после долгата и богата кариера и 5.278.050 произведени примероци се повлече, отстапувајќи го своето место во семејството на Peugeot. Во свеста на љубителите на автомобилите засекогаш ќе остане света бројка, онаа што ги изгради темелите на исклучително успешната линија мали автомобили – 206, 207, 208…
клучни датуми за Peugeot 205
- 1983 – лансирана верзијата со 5 врати
- 1984 – дополнување на понудата со моделот со 3 врати и GTi 1.6 105 KS верзијата. 205 T16 во Финска ја освои првата рели победа
- 1985 – Peugeot 205 T16 со Тимо Салонен стана светски шампион во рели. Во фабриката во Мулуз беше произведен милионитиот примерок
- 1986 – лансирани 205 Cabriolet и GTi со 115 и 130 KS. По втор пат сега со Јуха Канкунен освоена шампионската титула во рели
- 1987 – Peugeot 205 добива нова инструмент табла, 205 Т16 победува на Париз-Дакар
- 1988 – лансиран 205 Rallye, втора победа на Париз-Дакар
- 1990 – мала рестилизација (мигавци, задни светла…), лансирање на 205 Diesel Turbo (78 KS)
- 1993 – запре производството на 205 GTi
- 1995 – запре производството на кабриолетот
- 1998 – Peugeot 205 беше заменет со 206