За рударството да оди напред
» За рударството да оди напред, всушност надолу да бидеме докрај прецизни, и тоа сосема безбедно, се грижи германската компанија Hermann Paus Maschinenfabrik, добро позната во својот делокруг на работа по високоспецијализираните возила за рударството. Ви претставуваме две од нивните возила, едно наменето за превоз на работниците, а второто е сервисно возило, и двете прилагодени за подземна работа, со акцент на безбедноста.
Возилото за превоз на луѓе е од моделот MinCa18 A. Во основа е повеќенаменско возило во кое собира 16 патници. Кабината за нив е одвоена, климатизирана и има четири врати. Во неа се наоѓаат четири реда седишта, а потребниот алат за работниците се сместува во две кутии под предниот ред седишта. Осветлувањето е со ЛЕД технологија, а за случај на опасност постои сигнално копче во кабината бидејќи возачот и совозачот се наоѓаат во засебен дел од возилото. И нивниот простор е климатизиран, со две врати за пристап. Седиштата за нив се опремени со сигурносни појаси, а целата кабина со помош на рачна хидраулична пумпа може да се кипа нанапред за пристап до моторот. Тој е производ на Deutz, дизел со четири цилиндри и 126 KS, опремен со катализатор и пригушувач на звукот. Во резервоарот за гориво собира 70 литри, максималната брзина напред или назад е 33 километри на час, а може да искачи наклон од 40%. Погонот е на сите тркала преку хидростатичка трансмисија, а оските се крути со планетарни редуктори. И двете се управливи и опремени со двокружен независен кочен систем, паркирна и сервисна кочница. Сето тоа е поставено на крута шасија, а возилото е опремено и со електричен вител со 26 метри сајла, монтиран на предниот браник. За робусноста на конструкцијата најдобро кажува тежината на возилото која изнесува 6.700 килограми. Носивоста му е два тона, а целиот пакет заокружен со безбедносен противпожарен систем кој се активира со притисок на копче и рачен апарат за гасење пожар.
Второто возило е Universa 40 WS и во основа е мултифункционално. Конструкцијата му е зглобна, напред со кабина за возачот и совозачот, а назад со шасија на која може да биде монтирана надградба по желба. Ова за кое зборуваме има таканаречена сервисна касета со пет резервоари – по еден за дизел гориво со капацитет од 2.000 литри и хидраулично масло 500 литри и три за моторно масло од по 250 литри. Секој си има своја хидраулична пумпа за точење со макара, црево и мерач на протокот. Касетата е прицврстена на шасијата преку специјален систем кој овозможува нејзино брзо менување со друга – со помош на хидраулична платформа целата процедура трае 5 до 10 минути. Дизел моторот и кај ова возило е Deutz со 122 KS, исто опремен со катализатор и пригушувач на звукот. Трансмисијата е двостепена хидростатичка, погонот е на сите тркала, а оските со планетарна редукција. Максималната брзина напред-назад е 20 километри на час, совладува наклон до 40%, а за возење на надолници има систем за заштита од претерано забрзување. Должината од 6,76 метри и аголот на прекршување на зглобната конструкција од 40° му даваат исклучителни маневарски способности, што во подземните тунели е од високо значење. Така, надворешниот дијаметар на вртење е 11, а внатрешниот 6,5 метри. Висината и ширината на возилото се нешто над два метри, тежината на празното возило 8 тони, а вкупно дозволената тежина во која влегува и надградбата изнесува 12 тони.
За цената на овие возила подобро не прашувајте.