Од 2023 година Tesla со нови батерии
» Panasonic е подготвен да инвестира 700 милиони долари во нови производствени капацитети во Јапонија со намера од 2023 година да започне со испорака на нови батерии за Tesla. Батериите кои беа претставени уште во октомври 2020 година ќе бидат од типот 4680 (46 милиметри пречник и 80 милиметри височина), со хемиски процес кој ќе испорачува пет пати повеќе енергија, 16 отсто подолга автономија и шест пати поголема моќност во споредба со досегашните батерии што се користат. Во моментов се разгледуваат различни опции за масовно производство на овие батерии, а во план е годинава да се лансира тест линија за тоа, можеби уште во март. Планираниот обем на производството е за 150.000 возила годишно. Стручните лица од оваа област посочуваат дека можеби една од најзначајните предности на оваа батериска ќелија ќе биде цената заради хемискиот процес и поедноставеното производство. Конкретно се наведуваат за 14 проценти пониска цена за kWh капацитет, што со останатите наведени предности сигурно ќе влијае на намалување на цената на електричните возила. Во моментов производствената цена на батериите за нив изнесува 132 долари за киловат-час.