Tags: ,
Opel Vivaro A (2001-2014)

Успешен актер во комби секторот

» Vivaro е создаден во заедничка приказна меѓу Opel и Renault започната во декември 1996-тата кога компаниите се договорија заеднички да им понудат на купувачите возила настанати со комбинирање на инженерските вештини и високите стандарди за квалитет на двете компании. Французите веднаш ја отстапија првата генерација на Trafic која се продаваше под називот Arena, а  наредната година и Master пласиран како Movano. Вистинската соработка во која во меѓувреме се вклучи и Nissan започна со втората генерација на Trafic. Инвестициите достигнаа вкупно 700 милиони евра, а развојот траеше само 35 месеци. За дизајнот и погонските склопови беше задолжен Renault, додека Opel (всушност Vauxhall) беше одговорен за производството кое се одвиваше во некогашната фабрика на Bedford во Лутон, но само верзијата со низок покрив – дел од халите беа прениски за верзијата со висок покрив чие производство беше организирано во фабриката на Nissan во Барселона.

Како резултат на сето тоа настана возило во кое беа искомбинирани атрактивен изглед и висока ефикасност. Карактеристика му беше таканаречениот џамбо покрив, односно кабината чиј врв наликуваше на купола. Таа на возачот и сопатниците им обезбедуваше повеќе простор за главите и го олеснуваше влегувањето и излегувањето, што е посебно важен критериум за возилата во овој сегмент бидејќи често се користат за достава на стока, што подразбира голем број застанувања и излегувања. При лансирањето Vivaro го задвижуваа два економични 1,9 литарски дизела со 80 и 100 KS и 2,0 литарски бензински мотор со 120 KS, на кои малку подоцна им се придружи 135-коњски 2,5 литарски дизел. Освен основниот дизел кој имаше пет степени на пренос, другите погонски агрегати беа спарувани со менувач со шест степени чија рачка беше на средишната конзола за оптимална ергономија и искористување на просторот.

Opel Vivaro се нудеше во повеќе од 20 варијанти. Покрај двете височини купувачите можеа да бираат и меѓу две меѓуоскини растојанија и повеќе каросериски изведби – затворен фургон, застаклен или полузастаклен комби со два или три реда седишта, камионче, шасија со кабина… Секоја од верзиите нудеше доста простор за товар, а бидејќи професионалните возачи поголем дел од своето работно време го поминуваат зад управувачот, дизајнерите на ентериерот посветија големо внимание на удобноста и ергономијата на кабината. Гол метал немаше никаде – внатрешноста целосно беше обложена со цврсти материјали кои лесно се чистат. Аудио системот беше позајмен од патничките автомобили, а моделот претставуваше мерило и во поглед на безбедноста. Воздушните перници за возачот и сигурносните појаси во три точки за сите патници беа стандардни во сите верзии, а воздушната перница за совозачот и страничните воздушни перници беа опционално достапни. Диск сопирачките на сите четири тркала (напред самовентилирачки) беа со електронска контрола на распределбата на силата на кочење и четириканален ABS.

Уште една ставка која одеше во корист на Vivaro секако беа и сервисни интервали. Тие беа пропишани на секои 30.000 km или две години, додека менување на глицеринот во системот за сопирање беше потребно на секои 120.000 km. Тригодишната гаранција и 12-годишната против корозија ги намалуваа грижите на купувачите. Сето ова и возењето и лежењето на патот како кај патничките автомобили беа атрибути кои членовите на жирито за избор на меѓународен комби на годината не ги пропуштија и го прогласија триото на Opel, Renault и Nissan за освојувач на трофејот за 2002 година. Во 2006-тата следеше благ фејслифтинг и обновување на моторната понуда, а во 2010-тата Opel отиде чекор понатаму и на IAA ги покажа своите амбициозни планови за Vivaro претставувајќи плаг-ин концепт со пет кубни метри товарен простор, носивост од 750 kg и електрична автономија од скоро 100 километри.

Производството на првиот Vivaro запре 2014-тата кога беше претставена втората генерација, исто заедничка со Renault и Nissan. Таа опстана до 2019 година кога како  резултат на преземањето на Opel од страна на PSA Vivaro беше заменет со ребрендирана верзија на Peugeot Expert.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *