Европскиот брат-близнак на Chevrolet Volt
» На челниците на General Motors уште на почетокот на милениумот им стана јасно дека иднината е во електричните возила. Но голема пречка тогаш беа батериите, а уште поголема непостоечката мрежа за нивно полнење. Затоа размислуваа инвентивно и го покренаа проектот за E-Flex архитектурата, подоцна преименувана во Voltec. Идејата беше едноставна – батериите како лимитирачки фактор ќе бидат со помал капацитет и кога ќе се испразнат се вклучува моторот со внатрешно согорување кој не ја пренесува својата сила на тркалата туку само произведува струја за електромоторот кој ќе го движи возилото. Технички овој концепт познат како сериски хибрид успешно се користи во железничкиот и поморскиот транспорт. Но инженерите на GM посветени на задачата отидоа чекор подалеку и предвидоа архитектурата да може да прими различни единици кои ќе произведуваат струја – бензински, дизел или мотор со погон на етанол, а во иднина и горивни ќелии.
Сето ова го направи овој модел доста егзотичен по прашање на техниката. Неговото револуционерно значење кое требаше да има потенцијал да го смети текот на развојот на автомобилите беше препознато од новинарите, кои уште пред да се појави на пазарот му ги доделија титулите „Автомобил на годината“ во Европа и Северна Америка. Продажбата малку доцнеше но тргна добро – иако и Chevrolet го продаваше технички идентичниот Volt во Европа, Opel успеа во првите две години да пласира скоро девет илјади примероци од Ampera. Најмногу, околу 60 отсто, во Холандија каде како еколошко возило добиваше државни субвенции. Елегантната каросерија и футуристичката внатрешност го одвојуваа од останатите возила, а батериите имаа гаранција од 8 години или 160.000 километри. За нивно полнење се користеше шест метри долг кабел приклучен на обичен куќен штекер меѓу пет и девет часа. Тешки 198 kg, тие имаа номинален капацитет од 16 kWh доволен за поминување меѓу 40 и 80 километри во зависност од динамиката на возење, теренот и надворешната температура. Електромоторот што ги задвижуваше предните тркала имаше 150 KS, а 1,4 литарскиот бензински мотор што произведуваше струја за него 86 KS. Заради добриот вртежен момент од 370 Nm Ampera беше жив автомобил – забрзуваше до 100 km/h за околу 9 секунди а најголемата брзина беше ограничена на 160 km/h. На возачот на располагање му беа повеќе режими на возење и нешто помал багажник од 310 литри.
Сé освен цената која стартуваше од 44 илјади евра ветуваше успех, но до него не дојде – продажбата не беше доволно висока да го оправда постоењето на овој модел и после првите две години на пазарот General Motors објави дека прекинува со него. Наредните две-три години беа продадени уште помалку од 1.300 примероци и толку – приказната заврши. Chevrolet Volt во Европа заврши уште полошо, со вкупно продадени помалку од 1.800 примероци, а преку океанот имаше колку-толку успешна кариера – доживеа и втора генерација и до 2019-та вкупна продажба во САД и Канада од скоро 180 илјади примероци.