Долга традиција
» Според плановите Opel до 2028-мата треба да стане целосно електрична марка што можеби и нема да се оствари заради промените на пазарот. Но ако иднината сé уште не е напишана историјата е и таа вели дека електричните пионери на Opel датираат уште од пред скоро шест децении. Толку време компанијата работи на истражување и развој на разни видови електричен погон. Впрочем, има молња во амблемот нели?
Првите чекори ги направи концептот Stir-Lec I од 1968 година. Тогаш инженерите на General Motors во Kadett B вградија 14 оловни акумулатори за кои струјата ја произведуваше мал стирлингов мотор со надворешно согорување. Три години подоцна внукот на основачот на компанијата Георг фон Опел зад воланот на Elektro-GT собори шест светски рекорди за електричните возила. Возилото беше задвижувано со два споени електромотора што произведуваа 120 KS кои струјата ја добиваа од никел-кадмиум батерии тешки 590 килограми. Автомобилот при константна брзина од 100 km/h имаше автономија од 44 километри.
Чекор напред беше направен со програмата Impuls во периодот 1990-1997. Impuls I кој беше заснован на Kadett Е имаше електромотор од 22 KS, а користеше никел-кадмиум ќелии со течен електролит. Имаше автономија од околу 80 km и максимална брзина од 100 km/h. Година дена подоцна следеше Impuls II, сега заснован на Astra F. За напојување на двата мотора кои даваа вкупно 61 KS користеше 32 оловни батерии. Првата своја голема програма за тестирање на електрични возила Opel ја изведе од 1993 до 1997 година со Impuls III. Возниот парк од десет автомобили на германскиот остров Риген помина вкупно повеќе од 300.000 km. Пет од возилата имаа по 61 KS и беа опремени со никел-кадмиум батерии, а другите имаа по 57 KS и користеа високоенергетски натриум-никел-хлорид батерии.
Во меѓувреме во 1992-та година беше претставен концептот Twin кој за возење на отворен пат имаше трицилиндричен 0,8 литарски мотор со 34 KS, додека за град беше задолжен електричен модул со два мотора сместени во тркалата со по 14 KS секој. Возачот имаше централна положба напред, а зад него беа поставени три седишта за патниците. Во 1995 година Opel ја прошири електричната мобилност во сегментот на комерцијалните возила со Combo Plus концептното комби кое имаше натриум-никел-хлорид батерии и електромотор од 61 KS.
Длабок исчекор во алтернативната иднина беше направен 2000-тата кога на улиците излезе Zafira HydroGen1 чии водородни горивни ќелии го напојуваа со струја електромоторот од 75 KS. Во текот пак на идната година од страна на купувачите беше тестирана флота од 20 возила HydroGen3 чија сила зголемена на 82 KS пружаше максимална брзина од 160 km/h. Во 2004-тата беше организиран маратон на кој две вакви возила поминаа 10.000 километри низ Европа возејќи од Норвешка до Португалија. Наредниот HydroGen4 имаше горивни ќелии од 128 KS кои без емисии на штетни гасови со реакција на водородот со кислородот од воздухот произведуваа струја за електромоторот од 100 KS. Погодноста за секојдневна употреба ја докажуваа во заеднички проект спонзориран од федералното министерство за сообраќај.
Фокусот кон електрификацијата доби замав во 2007-мата кога на IAA беше преставен иновативниот Flextreme концепт со Voltec електричен погон со продолжена автономија. Во 2010-тата на салонот во Женева следеше Flextreme GT/E концептот кој го најави сериското производство на Ampera. Овој автомобил со четири седишта и модерен дизајн во потполност одговараше за секојдневно користење и подолги патувања. Растојанијата меѓу 40 и 80 километри во зависност од условите на возење ги поминуваше на струја која ја даваа литиум-јонските батерии од 16 kWh, после што се вклучуваше бензинскиот агрегат од 86 KS кој работеше како генератор за електричниот мотор од 150 KS што ги задвижуваше тркалата. Ampera која беше пред своето време ја доби титулата европски автомобил на годината 2012-та. Во 2016-тата на салонот на автомобилите во Париз беше претставен чисто електричниот Ampera-e кој имаше 204 KS и автономија од 423 километри. Батериите поставени во подот обезбедуваа доволно простор за пет патници и багажник од 381 литар. Веднаш потоа Opel премина под капата на PSA со што беше одбележан почеток на новото доба во електрификацијата.