Tags: , , ,
Octavia и Felicia имаат заеднички роденден (фото-галерија)

Извозот во фокус

» Во март 1959 година Škoda на женевскиот салон на автомобилите претстави две сеопфатно унапредени возила – затворената лимузина Octavia и кабриолетот Felicia. Со нив марката се врати на предвоениот начин на означување на возилата со имиња наместо со бројки. Така Octavia го доби своето име бидејќи беше осми модел на компанијата откако таа беше национализирана. Како наследник на 440/445 Spartak и таа имаше две врати и караванска изведба. Основната верзија ја задвижуваше 1,1 литарски четирицилиндричен мотор кој на задните тркала преку четиристепен менувач испорачуваше 40 KS, постигнувајќи максимална брзина од 115 km/h. Посилната Octavia Super имаше 1,2 литарски мотор со 45 KS кои беа доволни за 115 km/h.

Felicia, чие име потекнува од латинскиот збор за среќа, во основа беше отворена верзија на Octavia. Атрактивниот кабриолет имаше четири седишта и засилен 1,1 литарски мотор со карбуратор со две грла, кој произведуваше 50 KS. Свесен за потенцијалот на овој модел, чешкиот производител веднаш по претставувањето во Женева и на земјите од источниот блок во Лајпцих го испрати и во Њујорк на салонот на автомобилите каде беше вистински хит, благодарејќи и на добро осмислената промоција со ангажирањето на Мис на САД ’57. Овие напори беа крунисани со продажба од 14.863 примероци за време на неговиот петгодишен животен век.

Двата модела кои меѓу себе имаа многу заеднички работи беа резултат на работата на инженерите кои посебно внимание посветија на намалувањето на вибрациите, зголемувањето на удобноста во возењето и подобрувањето на подмачкувањето и ладењето на моторот. Како клучна надградба во однос на своите претходни се истакна новата предна оска на која традиционалните лиснати пружини беа заменети со спирални пружини спарени со телескопски амортизери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *