Концепт пред своето време
» Сега веќе култните ’80-ти години беа интересен период за дизајнот на автомобилите, но и за нивната содржина. Инспирирани од футуристичките филмови, автоиндустрија сакаше да покаже дека е способна да ги предвиди идните текови што можеа да се замислат во тоа време на рана фаза на компјутеризација и дигитализација. Токму тогаш беа претставени доста автомобили со напредни уреди во ентериерот. Buick Riviera од 1986-тата и малку подоцна Oldsmobile Trofeo беа едни од првите автомобили кои имаа патен компјутер со екран чувствителен на допир (додуша монохроматски) со кој се командуваа клима-уредот и стерео системот опремен со конектор за хенд-фри мобилен телефон, но малку е познато дека и Nissan имаше свој ас во ракавот веќе во 1982 година, кој не влезе во сериско производство.
Станува збор за концептот NRV-II базиран на тогашната генерација на Sunny со кој јапонската марка сакаше да го покаже прогресот на тогашните технологии. Така во него се среќаваат многу нешта кои денес едноставно ги земаме здраво за готово. Аналогните инструменти беа заменети со дигитални, а на управувачот имаше копчиња со кои се контролираа некои работи во возилото. Беше опремен и со сензори за дожд и светлата, навигација, управување со говор, а најинтересно е дека располагаше со радарски темпомат и систем за предупредување од поспаност. Покрај тоа, во него беа користени и нови материјали кои тогаш не беа раширени во автоиндустријата, како што се страничните стакла од лесна пластика. Во носот се наоѓаше 1,3 литарски четирицилиндричен турбо мотор кој своите 120 KS ги развиваше трошејќи метанол.