Враќање на вистинскиот пат
» Скапиот јен и желбата да се понуди повеќе отколку што пазарот бара, го прекинаа успешниот поход на Nissan 300ZX низ Америка – и покрај ултимативните возни својства, високата цена ги растеруваше купувачите. Затоа и Јапонците предвреме ја запреа неговата продажба оставајќи го на извозните пазари без наследник. Под ознаката Fairlady Z продолжи да живее во Јапонија, каде одговорните се премислуваа за неговата идна, петта по ред генерација. Во тој период Nissan поминуваше низ тешка финансиска ситуација и иако новиот Z-автомобил беше планиран и неговиот концепт покажан во 1999 година, немаше оправданост за лансирање на имиџ модел на кој ќе се губат пари и Nissan се концентрираше на теренските и пикап возилата.
Токму во тоа време францускиот Renault купи 44,4% од акциите на Nissan и идејата за модерен Z-автомобил, силно поддржана од Карлос Гон, повторно стана актуелна. Концептот беше прикажан на почетокот на 2001-вата, а летото идната година и серискиот модел. Новиот 3,5 литарски агрегат со 287 KS му ја дефинираше ознаката 350Z, но во Јапонија тој и понатаму остана Fairlady Z. Дизајнерски немаше ништо заедничко со претходната генерација, но во поглед на возните својства ги задржа сите квалитети. Цената му беше безмалку преполовена и пазарот реагираше. Популарноста дополнително му се зголеми со претставувањето на родстер верзијата идната година и бројните изведби со засилени мотори низ целиот негов животен век.
Тоа одлично го трасираше патот на неговиот наследник 370Z, кој се појави во 2008 година. Иако многу сличен, секоја компонента на него беше редизајнирана, вклучувајќи го и моторот кој имаше 3,7 литри и 337 коњски сили. Практиката да се лансираат разни специјални верзии продолжи и овој модел остана во производство сé до лани, кога полека започна да му го ослободува патот на неговиот наследник, тукушто претставениот Nissan Z.