Renault Captur во поинакво пакување
» Откако добро ја преиспита оправданоста на своето присуство во Европа, Mitsubishi реши да остане на пазарот со ребрендирани модели на Renault, кои судејќи според првите скици на идниот ASX кој доаѓа во септември сепак нема да бидат клонови едни на други и дизајнерски ќе се разликуваат. Основата ќе му биде Captur од кој ќе позајми многу, вклучително и петте погонски агрегати. Палетата ќе стартува со турбо трицилиндричниот еднолитарски агрегат со 91 KS поврзан со шестстепен мануелен менувач. Оние кои сакаат поголема моќност ќе можат да се одлучат за четирицилиндричниот 1,3 литарски исто турбомотор, кој ќе доаѓа во две пакувања – со 140 KS и шестстепен мануелен или 158 KS и седумстепен автоматизиран менувач со двојна спојка. Преминот кон електрифицираните опции е преку 1,6 литарскиот хибриден погонски агрегат со два електромотора и 145 KS, додека неговата плаг-ин изведба ќе испорачува комбинирани 160 KS и ќе има батерија од 10,5 kWh за која не се наведува колкава електрична автономија ќе обезбедува.
Стилски новиот ASX се очекува да нема ништо заедничко со неговиот претходник. Како што се гледа од најавната слика ќе има поспортска силуета, нова маска која се спојува со ЛЕД светлата, силни динамични линии на хаубата и изразени лакови на тркалата, додека назад се забележува брановидно извајана врата. Продажбата е планирана да започне пролетта 2023 година. Покрај ASX, Mitsubishi со донација од Clio ќе го оживее и Colt.