Најславната сребрена стрела
» Далечниот 28 јануари 1938 година беше еден од најважните денови во автомобилската историја – рано утрото Рудолф Карачола на автопатот меѓу Франкфурт и Дармштат со летечки старт помина еден километар со просечна брзина од 432,7 km/h. Овој рекорд во брзина на јавен пат е соборен дури во ноември 2017-тата со Koenigsegg Agera RS кога Никлас Лилја на затворен автопат во Невада постигна 445,6 km/h. Фактот дека рекордот издржа скоро осум децении доволно кажува за моќта на аеродинамично испегланиот болид Mercedes W125 Rekordwagen, долг 6.250, широк 1.850 и висок 1.150 mm, со сензационален коефициент на отпор на воздухот од 0,157.
Беше задвижуван од V12 мотор со зафатнина од 5.577 cm³, со четири вентили по цилиндар и два рутс-компресори, со моќност од 736 KS при 5.800 вртежи во минута. Менувачот беше четиристепен, а место да се лади со свеж воздух имаше 500-литарски резервоар за мраз и вода. Причината за ва целосно невообичаено решение е што отворите за воздух беа минимални за да не се поремети аеродинамика.
Тоа зимско утро после рекордното возење Карачола отиде на појадок, а неговиот ривал Бернд Роземејер одлучи уште еднаш да се обиде со неговиот Auto Union кој за време на првите возења од своите 16 цилиндри извлече сила за 429,5 km/h иако ветрот веќе се засилуваше. За жал, исходот беше фатален.