Tags: , ,
Mercedes 190 E Elektro

Пионер на електромобилноста

» Далеку пред да станат реалност, Mercedes како и другите големи авто-компании експериментираше со електричните возила и во 1990 година подготви мала серија на 190 наменета за тестирање на технологиите. Главна цел беше да се проценат функционалноста и соодветноста на електричните компоненти во реални, секојдневни ситуации. Така 190 стана мобилна лабораторија за практично тестирање на тогаш слабо познатите електрични технологии. Беа користени различни погонски конфигурации и пакети батерии, главно натриум-никел-хлоридни и натриум-сулфурни кои имаа значително поголема енергетска густина од класичните оловни акумулатори. Меѓутоа, работната температура на обата система беше околу 300 степени целзиусови, што им создаваше проблеми на инженерите.

Врз основа на првично стекнатите искуства наредната 1991-ва беше подготвена напредна верзија на електричниот 190, кој освен погонскиот систем само во ретки детали се разликуваше од стандардниот модел. Тој располагаше со два електромотора од по 22 KS, сместени по еден на секое задно тркало. Струјата за нив ја обезбедуваа натриум-никел-хлоридни батерии кои се дополнуваа и со регенеративно кочење. Автономијата изнесуваше 110 километри, а во споредба со серискиот модел електричниот 190 беше потежок за само 200 килограми.

Mercedes многу се надеваше од новите технологии и учествуваше во големото теренско испитување на електричните возила спроведено од 1992 до 1996 на германскиот остров Риген во Балтичкото море, издашно финансирано од сојузната влада. Во него учествуваа вкупно 60 патнички и комби возила од неколку производители  кои беа користени од различни луѓе за различни работи, меѓу кои и за такси превоз. Mercedes испрати десет возила oд моделот 190 E Elektro со различни конфигурации на погонскиот систем и батериите, од кои едно поминуваше по 100.000 километри годишно. За сé да биде еколошки, низ островот беа поставени станици за полнење кои струјата ја добиваа од соларни колектори.

Останува прашањето зошто толку долго се чекаше електричните возила дури сега да стануваат реалност?!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *