Помоќен и поефикасен
» Lexus започна со исполнувањето на планот до 2025 година да лансира 20 нови или ажурирани модели. Задача прв дa застане на стартната линија ја имаше најинтересниот нивни модел, пргавиот кросовер NX. Тој во оваа втора генерација влегува со нов дизајн кој многу потсетува на претходникот. Подобрувањата се суптилни и би рекле сосема доволни бидејќи мускулестото тело и понатаму зрачи со истата енергија. Поголеми разлики се забележуваат во кабината. Таа наново е обмислена со поквалитетни материјали и модерен дизајн во кој преовладуваат дигиталната инструмент табла и наизглед предимензираниот екран на инфо-забавниот систем, а задржани се и некои копчиња. Опременоста е подигната на повисоко ниво – покрај ретровизорот дури и рачките на вратите одвнатре сега се дигитални. Интегрирани со другите системи на возилото, тие спречуваат отворање ако кон возилото одзади се доближува пешак или велосипедист.
Новата платформа обезбедува повеќе простор и подобри возни својства, а семејството агрегати сега еколошки е освежено и проширено. Стартува со нов 2,5-литарски мотор со 199 KS, поврзан со осумстепен автоматски менувач. За оние кои сакаат поубедливи перформанси е наменет 2,4 литарскиот турбо мотор со 279 KS, а пак еколошки поосвестените ќе го изберат на 242 коњи хибридно засилениот 2,5 погонски систем чиј електромотор ги движи задните тркала. Најголемата новост е додавањето на плаг-ин верзија со 306 KS, во голема мерка базирана на решенијата од RAV4 Prime.
Производството на новиот NX треба да започне во третиот квартал, а цените ќе бидат објавени кога ќе доближи неговото пазарно лансирање.