Целосно промашување на Aston Martin
» Lagonda некогаш многу одамна беше производител на автомобили за почит. Останувајќи од нејзиното име само бледо сеќавање кои луѓето го имаат добиено преку листање прашливи стари списанија, Aston Martin со кој оваа марка се интегрираше после втората светска војна пред неколку години реши да ѝ даде инфузија против заборавот во вид на ексклузивна лимузина која ќе го врати името Lagonda во колективната свест на човештвото, за што беше подготвен моделот Taraf кој требаше да најави дека Lagonda повторно ќе проживее настрана од јаремот на Aston Martin. За жал безуспешно, бидејќи целиот проект беше изведен невешто, пред сé од маркетиншка, а донекаде и од инженерска гледна точка.
Лимузината која настана со префорсирање на желбите воопшто да настане, не беше тоа што требаше да биде, на пример здивоодземачкиот Aston Martin Lagonda од седумдесеттите. Taraf ни оддалеку не можеше да ги предизвика емоциите како споменатиот модел, посебно не кај арапските купувачи за кои изричито беше наменет. Беше замислено да се продава по цена од милион долари и тоа само на оние кои ќе добијат директна понуда од производителот, а не на секого што ќе изрази интерес. Затоа и место планираните 200 (за да се задржи ексклузивноста), беа направени само 120 примероци.
Сите се склопуваа рачно, имаа фантастична но технички недоволно комплетирана механика базирана на шасијата на Rapide и 5,9 литарски атмосферски мотор со дванаесет цилиндри и 547 коњски сили кои преку осумстепен автоматски менувач од ZF се пренесуваа на задните тркала, доволни за забрзување до 100 километри на час за 4,4 секунди и максимални 314 km/h. Каросеријата беше направена од пластика засилена со карбон, а ентериерот беше премногу сличен со другите модели на Aston Martin, пред сé со Rapide. Вратите му се отвораа под агол нанагоре, а имаше место за четири патници кои уживаа во максималниот луксуз кој британските мајстори може да го испорачаат.
Но сето тоа не беше доволно да ги предизвика арапските мултимилионери да се решат за овој тогаш најскап седан со четири врати, со кој Lagonda сакаше повторно да се запише на светската автомобилската мапа, и покрај доста позитивниот иницијален интерес. До ден-денес од Aston Martin не извлекоа поука за тоа каде згрешија.