Оспоруван но сепак успешен
» Со своите супериорни технички решенија, дизајн и перформанси, Jaguar E-Type кој се појави во 1961 година постави нови стандарди за автомобилите од Ковентри. Но веќе после десетина години овој спортски автомобил беше застарен, а на управата на компанијата ѝ беше јасно дека само потполно нов модел е единствениот начин да ја задржат позицијата на пазарот на која E-Type ги постави. Сакајќи да привлечат што поширок круг потенцијални купувачи, одлучено е да се напушти традицијата и новиот модел во старт да биде конципиран како купе со четири седишта а не двосед како SS 100, XK120 и E-Type. На полето на механиката немаше многу дилеми – требаше да биде базиран на најдоброто што Jaguar можеше да го испорача, вклучително и V12 моторот кој во тоа време беше единствен во сериско производство.
Наречен XJ-S, публиката за прв пат го виде на салонот во Франкфурт во 1975 година и реакциите беа различни. Никој не ги спореше перформансите или врвната техника, ама се забележуваше разочарувањето што место очекуваниот наследник на расното спортско купе се појави гран-туризмо автомобил во кој комфорот беше на првото место. Забелешки имаше и за дизајнот, за кој некои сметаа дека го прави автомобилот нескладен и со некако незавршен изглед, посебно заради задниот дел со подисправеното задно стакло вклопено во интегрираните крила. Дотолку што заради нив германските регулатори му ја оспорија хомологација. Други пак го сметаа за ремек-дело на естетиката, а тој, без оглед на спротивставените ставови, со својата ниска силуета, хромираните детали и широките бокови кои даваат одличен впечаток на елеганција и сила, го издржа тестот на времето.
Дека така ќе биде сведочеа и првите нарачки кои и покрај опашките од нафтената криза започнаа да пристигнуваат во значаен број, обезбедувајќи му ги на Jaguar потребните резултати кои тогаш единствено беа важни. Можеше да се добие како купе и тарга-кабриолет, а моќниот и високо култивиран агрегат чија сила се пренесуваше на задните тркала преку мануелен или автоматски менувач му обезбедуваше беспрекорни перформанси – забрзување до 100 km/h за седум секунди и максимални 250 km/h. Првите купувачи беа задоволни бидејќи како таков беше примерен за долги возења и претставуваше добар избор во поглед на комфорот и престижот. Тоа не го попречија ниту проблемите со слабиот квалитет кои делумно беа надминати со замена на недоволно испитаните компоненти, како што беа менувачите или пак моторната електроника.
На почетокот на 80-тите години гамата беше освежена со посилен и побрз V12 мотор, а подоцна и со пазарно интересниот реден шестцилиндричен агрегат, со што кругот купувачи беше проширен, а продажбата три пати зголемена. Тоа заедно со постојаните ситни козметички и механички корекции ја задржа оваа втора серија на XJ-S десет години во живот, за Ford, по преземањето на марката под своја капа, во 1991 година да направи редизајн и да ја исфрли цртичката од неговата ознака. Моторите станаа поголеми и посилни а опременоста побогата, со што овој модел, иако тогаш веќе сериозно застарен, успешно опстана до појавувањето на неговиот наследник XK8. Издржа 21 година на пазарот, преживеа две трансформации на компанијата и три нафтени кризи и со скоро непроменет изглед кариерата ја заокружи со произведени 115.413 примероци кои му го загарантираа местото во историјата на автомобилизмот.