Можеби и најубавиот класик
» Не е преамбициозно Jaguar E-Type да го наречеме најпознат спортски автомобил во светот. Фасцинантното британско купе кое се произведуваше од 1961 до 1974 година својата безвременска слава ја стекна заради својот фантастичен, неверојатно сексапилен дизајн но и заради комбинацијата вложено-добиено каква тешко дека било кога има понудено некој друг спортски автомобил. Сензацијата која E-Type (на американскиот пазар означен како XK-E за да се нагласи континуитетот со легендарната XK серија) ја предизвика при претставувањето на салонот во Женева може да се мери само со онаа која шест години порано во Париз ја имаше Citroen DS.
Неговото појавување беше остварување на соништата на секој што сакаше спортски автомобил по цена која му беше достапна. Всушност, тоа беше повторување на трикот што Jaguar го изведе тринаесет години порано со XK120. Но наследникот мораше да се соочи со многу пософистициран и изискувачки свет. Не можеа веќе да се крпат дупките од војната – во периодот на голем економски просперитет и стабилност беше многу потешко публиката да се воодушеви. А Jaguar за тоа имаше блескави адути – педесеттите години им донесоа низа победи на Леман со моделите C-Type и D-Type, чии препознатливи линии ќе бидат главна инспирација на E-Type. За дизајнот беше заслужен стручњакот за аеродинамика Малколм Соер, но сé се работеше под надзор на основачот на компанијата Сер Вилијам Лајонс, чиј естетски вкус непогрешливо го правеше секој модел на Jaguar до седумдесеттите прекрасен и складен.
Врвниот спортски дизајн и привлечноста Jaguar E-Type ги потврди и во родстер верзијата, но крал на стилот сепак беше купето. Од механичка страна не мораше многу да се размислува – за квалитетот на редниот шестцилиндричен мотор полн со сила најдобро сведочи тоа што беше во понудата на Jaguar сé до средината на деведесеттите години. Независното ослонување и четирите диск сопирачки потекнуваа од тркачката програма. Менувачот беше четиристепен, а трите двојни карбуратори помагаа од 3,8-те литри работна зафатнина да се извлечат максимални 265 KS. На новинарските тестирања првиот произведен примерок постигна фасцинантни резултати кои дополнително ја возбудија фантазијата – најголема брзина од 240 km/h и забрзување до 96 km/h за 7,1 секунди. Сепак тоа беше постигнато со посебни доработувања, додека моделите од редовното производство беа нешто поумерени.
Jaguar многу често менуваше понешто кај E-Type. Дизајнот главно остануваше ист и претрпуваше само мали измени, заради што како најзначајни се сметаат само зголемувањето на работната зафатнина на моторот на 4,2 литри во 1964-тата, додавањето на 2+2 купето со продолжено меѓуоскино растојание во 1966 година и вградувањето на 5,3 литарскиот V12 агрегат во 1971-вата. Овој мотор беше Jaguar-ово ремек-дело, но беше подобро прилагоден на поновите модели и на E-Type не му донесе битни предности. Производството на E-Type траеше сé до септември 1974 година, до кога беа направени повеќе од седумдесет илјади примероци, што е фантастична бројка за спортски автомобил од таа класа. Затоа и денес ги има во голем број.