Аргентински Италијанец со американско срце посвоен од Французите
» Откако десетина години произведуваше автомобили, главно моделите на Jeep по лиценца на својот американски партнер Kaiser, аргентинската компанија IKA во шеесеттите години одлучи дека е време за „домашен“ автомобил. Формулата како да го направат им беше прагматична – испратија два примерока од Rambler American, еден купе и еден седан во Италија, каде Pininfarina ги разубави и им намени потполно нов ентериер. Така настана Torino, кој во 1966 година беше претставен како национален автомобил. Аргентинците беа толку горди на него што тој продолжи да се произведува дури и откако Renault ја презеде контролата над IKA, ставајќи ги своето име и лого на него, сé до 1982 година. Во него се вградуваа повеќе шестцилиндрични мотори со зафатнина меѓу три и четири литри и моќност од 120 до 250 KS. Од овој автомобил кој и денес ужива култен статус во Аргентина, беа произведени вкупно 99.792 примероци.