Повеќе премиум, нов хибрид
» Шестата генерација на еден од најдобро продаваните SUV модели во САД, доста популарниот и кај нас Honda CR-V, ја имаше својата премиера. Ја задржа платформата од претходникот, но со доста подобрувања. Меѓуоскиното растојание порасна за 41, а должината за 69 mm. Предните столбови се поместени наназад, маската е поголема, предните светла потенки, а задните потсетуваат на досегашниот модел. Во Северна Америка CR-V ќе се нуди во две стилски различни верзии, од кои поблагородната со „шкрги“ на предниот браник, поинаква маска, трапезоидни издувни цевки и пар други поситни детали.
Внатрешноста е уредена налик на Civic и HR-V/ZR-V, што значи дека CR-V доби визуелно скриени насочувачи на протокот на воздухот и екран на мултимедијалниот систем кој се издигнува над арматурната плоча. Инструментите се виртуелни, бројот воздушни перници е десет, а Honda Sensing системот вклучува широкоаголни камери, радар, прилагодлив темпомат, автоматско кочење, контрола на мртвите агли, систем за држење на лентата на возење… Покрај со модернизираниот 1,5 литарски мотор со 193 KS, CR-V на Американците ќе им биде на располагање со нов хибриден погонски систем со намалена моќност – место 215 тој сега има 207 KS, a некои верзии се на располагање и со погон на сите тркала.
Продажбата на новата генерација на CR-V ќе започне при крајот на летото, а кога ќе стигне на Стариот Континент не е објавено. Мината година во САД Honda продаде повеќе од 361 илјада примероци од CR-V, во Кина околу 214 илјади, а во Европа само 17 илјади.