Најдолговечното возило во Америка
» Ги гледаме по филмовите но не ги познаваме – поштенските камиони кои личат на детска играчка се најдолговечните возила во Америка кои се во служба од 1987 година кога беше испорачан првиот примерок. Имаат ознака LLV што е кратенка од самообјаснувачкото име Long Life Vehicle. Производ се на компанијата Grumman, која по нарачка на американските пошти ги има правено сé до 1994 година. Низ САД, Канада, Мексико и неколку други земји се тркалаат околу 140.000 вакви возила, чиј првобитно проектиран век на траење изнесувал 24 за подоцна да биде продолжен на 30 години.
Конструкцијата им е алуминиумска, а механиката главно базирана на компоненти од General Motors-овиот пикап од тоа време, Chevrolet S-10. Управувачот им е на десната страна за да може разнесувачот на поштата безбедно да излегува директно на тротоар, моторот четирицилиндричен бензински со 90 KS, а менувачот тристепен автоматски. Носивоста е 450 килограми, а заради помалото растојание меѓу предните тркала од задните има доста мал круг на вртење. Декларираната потрошувачка е 14 литри на 100 километри, која во реалната експлоатација се искачува и до 24.
Според американските закони овие возила немаат регистарски таблички туку само сериски број од поштата. Пред да им се најде замена, во поштенска служба во САД сé уште останаа околу 90 отсто од вкупниот број набавени возила – искуствата велат дека без проблем поминуваат преку 300.000 тргни-застани километри.