Што е со 500L?
» Претставувајќи ги хибридните 500X и Tipo, Fiat гордо се пофали дека ја електрифицирале целата своја гама. Но оваа вест нам ни отвори друго прашање – што е со 500L? Колку што нé држи сеќавањето, досега не сме слушнале дека српскиот Fiat има електрифициран погон – хибриден или благ хибриден сé едно, бидејќи електричен и плаг-ин хибриден сигурно нема. Затоа тргнавме во потрага и единствената вест што ја откривме на тема хибриден 500L беше изјавата на синдикалниот лидер на крагуевачката фабрика дадена пред околу месец и половина со која ги уверува работниците дека очекува во текот на годинава таму да започне производството на хибридна верзија на овој модел. Со оглед дека лани за цела година во Крагуевац монтажните ленти работеа едвај 50-тина дена и дека Stellantis ги врбува работниците да преминат во фабриката на Peugeot во Словачка, неговата изјава не можеме да ја сфатиме поинаку освен како гаснење пожар кој сé уште не распламтил, иако тој тврди дека од извори на добавувачите на фабриката дознал дека Fiat има најавено големи нарачки за годинава. Бидејќи официјално ништо не се знае за судбината ниту на фабриката на Fiat во Србија ниту за 500L кој таму се произведува, ќе мора да се воздржиме од изнесување на нашето мислење.