За уживањето да биде комплетно
» Кој вели дека V6 не може да донесе уживање?! После лани подготвениот 296 GTB, Ferrari сега ни ја покажа и неговата отворена GTS верзија, исто со плаг-ин хибриден мотор. Замислен подобро да ги впива сончевите зраци, овој двосед има преклоплив тврд покрив на кој му се потребни 14 секунди да се подигне или склопи додека се парадира со брзина до 45 km/h. За поголеми бројки се грижи трилитарскиот склоп кој во соработка со електромоторот произведува 830 KS и 740 Nm доволни за лансирање до 100 km/h за 2,9 секунди, до 200 km/h за 7,6 секунди и до максимални 330 km/h, кои кога се вози само на струја паѓаат на 135 km/h. Но затоа бесшумно ќе се поминат 25 еколошки километри, иако не ни јасно зошто некој би сакал да остане без симфонијата на оркестарот од Маранело.