Француска гордост со кинески пасош
» Големите француски лимузини никогаш немале некоја значајна продажба, но сите домашни производители ги имале во понуда. Но под притисок на пазарните трендови кои ги диктираат Германците, во последната деценија нив една по една ги снема од ценовниците – најпрво Peugeot 607, па Citroen C6 и на крајот корејскиот Renault Latitude. Групата PSA, во последните моменти од својот ергенски живот, одлучи дека во брак треба да се влезе со мираз од барем еден ваков модел, колку да имаат со што младоженците да се провозат и посегна по своето кинеско портфолио од каде го извлече маркантниот DS 9 и го постави за предводник на својата гама.
Тој требаше да биде претставен во Кина уште во април лани, но тоа заради корпоративно прегрупирање два пати беше одложувано, за на крај DS 9 да го види светот во февруари годинава, во предвечерието на салонот на автомобилите во Женева каде треба да се појави и пред публиката во Европа. Но Женева падна под немилоста на короната и затоа овој модел кој уште од самиот старт беше планиран да биде наменет и за Азија и за Европа, дури сега ја доживува својата премиера. Поставен на семејната EMP2 платформа долг е скоро 5 метри и располага со сиот раскош што според општествениот статус треба да го има. На почеток ќе биде достапен со три погонски единици, почнувајќи од бензинскиот PureTech 225, преку двата плаг-ина e-Tense 225 и e-Tense 4×4 360, за поставата наскоро да ја докомплетира и e-Tense 250. Дефинирани се и цените кои стартуваат од 47.700 евра и се искачуваат до 80.000 за најлуксузната и најмоќна изведба.
Доколку ви се чини интересен, ќе мора да имате далекуисточно трпение бидејќи долг е патот од таму до тука – првите примероци на DS 9 ќе пристигнат во Европа дури во септември 2021 година.