Хипер спортист со срце и душа
» Bugatti Divo е конструиран да направи сé што не може Chiron. Дали за „недостатоците“ на една перфекција како што е Chiron навистина беа потребни две години интензивен развој? Или можеби инженерите со Divo му посакаа на тогаш новиот шеф Стефан Винклеман само едно топло добредојде? Интересни се овие прашања за сите автомобилски влубеници кои на Bugatti гледаат како на врвна автомобилска забава за одбрано друштво кое не се вознемирува со ситници како што е на пример цената на чинење. Но тие што може да си го дозволат се претплатија на него уште пред години кога концептот беше прикажан. И сега со нетрпение чекаат на својот рачно изработен примерок.
Како и секој Bugatti, веројатно и Divo повеќе ќе служи како колекционерски примерок отколку што со него среќниот ентузијаст ќе јуриша по некоја затворена тркачка патека. Ако има некој таков „бугати-фан“, токму тој ќе умее да ја напарави разликата помеѓу Chiron и Divo. Новото купе е за 35 kg полесно, но што е уште поважно, неговиот заден спојлер овозможува за 90 kg посилно притискање на задната оска. Во овој податок се крие можноста за многу побрзо поминување низ брзите свиоци, иако максималната брзина (380 km/h) може и да трпи поради тоа. Во секој случај, забрзувањето од мирување до 100 km/h не надминува вредност од 2,5 секунди.
Кога ќе се сумираат сите бројки, повторно тешко ќе може да се оправда развојот потрошен на „нијанси“. Со оваа констатација никако не би се сложиле идните сопственици на Divo; за нив важат некои други критериуми помеѓу кои ексклузивноста и уникатноста немаат цена! Згора на тоа, Винкелман во неговите први впечатоци забележа дека Divo претставува врвен хиперспортист кој поседува и срце, и душа!