Симбол на една нова ера
» Целосно електричен, поврзан и полуавтономен – тоа е BMW iX. Со него баварската компанија започна нова ера на мобилноста која во иднина ќе биде токму таква. Овој модел досега нарекуван iNext не криеше каков ќе биде и доста работи за него се знаеја. Но не сите – некои и сега останаа тајна и ќе бидат познати кога ќе му доближи производството во втората половина идната година. Базиран е на нова платформа специјално развиена за електрични возила. Димензиски е многу близок до веќе постоечките SUV модели на марката – долг е како X5, а висок како X6. Огромната маска во која се крие едно чудо електроника за помош во возењето прави да не изгледа посебно елегантно, но сé освен неа е минималистички дизајнирано со чисти и едноставни линии.
Таква е и внатрешноста во која погледот се приковува кон хексагоналниот управувач за кој BMW тврди дека го олеснува пристапот и на возачот му овозможува подобар преглед на инструмент таблата и на патот. А по него iX ќе се движи со петтата генерација на електричниот погон кој комбинира два електромотора со нешто над 500 KS, доволни за забрзување до 100 km/h за помалку од 5 секунди. Придружен им е голем батериски пакет од 100 kWh за автономија од 600 km, способен за 10-минути на еднонасочен полнач од 200 kW да се наполни за 120 km.
За цената, догодина.