Кобна убавина
» Во богатиот свет на спортски автомобили некои модели се истакнаа и станаа славни, но некои имаа судбина која можеше да биде фатална за компаниите што ги создадоа. По правило тоа се најубавите креации, ентузијастички создадени со преценување на нивните реални пазарни можности, посебно кога тоа се случува во тежок период и кога од нив се очекува да ја извлечат компанијата од лошата бизнис насока по која се движи. Типичен пример за тоа е BMW 507, можеби најубавиот нивни модел направен во историјата кој ја доведе баварската компанијата до банкрот.
За тоа додуша не беше само тој виновен, бидејќи BMW заради производството на авионски мотори за германската армија од втората светска војна излезе како тежок раненик – главната фабрика во Минхен беше разрушена, а добар дел од капацитетите останаа од онаа страна на тукушто навлечената железна завеса. Во такви услови раководството на компанијата немаше многу избор и освен за малата Isetta, капацитетите кои останаа можеа да се користат само за големи и скапи луксузни модели како што беше Барокниот ангел 501/502, за кои немаше многу место на пазарот.
Во таква пат-позиција и со изгубен автомобилски компас, идејата на влијателниот американски увозник на луксузни европски возила Макс Хофман дојде како кец на десетка. Имено, тој сакаше да го искористи конзумерското влијание на американските војници повратници од Европа и да ја пополни пазарната празнина меѓу прекрасниот но скап Mercedes 300 SL и пристапните но слаби британски родстери на MG и Triumph. По негова сугестија BMW започна со развој на моделите 503 и 507, првиот спортски гран-турер а вториот родстер, за кој вети продажба од 5.000 примероци годишно. Со намера да се создаде нешто што во најдобро светло ќе го промовираше брендот на богатиот американски пазар, раководството на баварската компанија го прифати предизвикот давајќи ја работата на веќе докажаниот Ернст Лооф. Но Хофман го оцени неговиот дизајн како непривлечен, што навистина и беше, и успеа да издејствува да се ангажира грофот Албрехт фон Герц кој креираше автомобил што плени со својот стил и неверојатната елеганција.
Сметајќи дека ваквите преубави линии мора да бидат проследени и со врвни технички решенија, Баварците за 507 одредија да го има најдоброто од своите механички донатори 501 и 502, и тоа дополнително подобрено. Тоа значеше дека ќе биде направен по највисоки стандарди дозволувајќи им на конструкторите целосно да дојде до израз нивното умеење. Предупредувањата дека ваквата концепција е претерано напредна за да би била пазарно успешна беа игнорирани. Така BMW 507 доби алуминиумски V8 мотор со зафатнина од 3,2 литри и 150 коњски сили, кои за американскиот пазар нараснаа на 195. Шасијата беше цивилен дериват на тркачка конструкција, а каросеријата, исто така од алуминиум, беше рачно изработувана.
Официјално BMW 507 беше претставен на салонот на автомобилите во Франкфурт 1955 година. Роден во златното доба на спортските автомобили, тој меѓу мноштвото легендарни машини и прочуени имиња се истакнуваше и со дизајнот и со механиката. Се чинеше дека целта е постигната, но преголемата желба да се успее имаше и своја цена. Производството доцнеше една година, а сите направени примероци заради рачната работа минимално но сепак се разликуваа еден од друг заради што отстранливиот тврд покрив од еден едноставно не пасуваше на друг автомобил. Првите произведени возила имаа резервоар од 110 литри сместен зад задните седишта, од кој низ кабината се ширеше мирис на бензин. Тоа подоцна беше решено со сместување на резервоарот во багажникот, кој обликуван околу просторот за резервното тркало имаше капацитет од 66 литри.
Но најголемото разочарување беше цената, која место првично предвидените 5.000 долари, на почетокот изнесуваше 9.000, а набргу се искачи и на 10.500 долари, што беше повеќе од двојно од американскиот хит-модел Chevrolet Corvette. Одличните епитети на овој модел ја привлекоа наклоноста на славните и богати личности, како што беа Елвис Присли, Џон Дерек, Ален Делон и други, но тоа ни оддалеку не беше доволно. Продажбата беше повеќе од симболична, сосема несразмерна на квалитетите и убавината на овој кабриолет. Тешкотии имаше и со производството кои ја забавуваа испораката на нарачаните автомобили, за на крај, откако BMW увиде дека губи огромни пари со него, до 1959 година кога го исфрли од понудата да бидат продадени едвај 252 примероци. Од нив околу 220 сé уште постојат и на аукциите постигнуваат милионски суми, докажувајќи ги исклучителните вредности и репутацијата кои овој автомобил ги имаше. Тоа сепак не беше никаква утеха за BMW бидејќи марката после 507 со децении остана надвор од овој сегмент.