Лошиот глас ја утепа
» Alfa Romeo за последен пат сериозно се обиде да се врати во елитата пред четврт век – после 156 кој ја освои титулата европски автомобил на годината беше лансиран и за класа поголемиот 166. Требаше да ја продолжи лозата на релативно успешните 164 и 90, делумно и на малку поголемата Alfa 6, како и на Alfetta и култниот 1750 пред нив. Го дизајнираше Валтер де Силва на кој тоа не му беше најдобра работа, за разлика од на пример 156 од кој стилски беше изведен. Дизајнот на маската не беше баш погоден, што беше исправено со редизајнот од 2003 година. Ја користеше платформата од Lancia Kappa и со габаритите 4.720×1.815×1.416 и меѓуоскиното растојание од 2.700 mm беше на прагот на вишата средна класа, односно Е-сегментот.
Основниот модел се задвижуваше со познатиот 2.0 TS дволитарски агрегат со по две свеќички и четири вентили по цилиндар со 155 KS кој обезбедуваше пристојни перформанси – забрзување до 100 km/h за 9,3 секунди и максимални 213 km/h. Во понуда беа уште 2.0 V6 турбо моторот со три вентили по цилиндар и 205 KS (8,0 секунди, 237 km/h), атмосферските 2,5 и 3,0 литарски V6 со по четири вентили со 190 KS (8,4 секунди и 225 km/h односно 9,5 секунди и 220 km/h со автоматски менувач) и 226 KS (7,8 секунди и 243 km/h односно 8,5 секунди и 237 km/h и петцилиндричниот 2,4 литарски дизел со 136 KS (9,9 секунди, 205 km/h) кој се покажа доста издржлив и штедлив (7,3 l/100 km).
Прилагодувањето на Еуро 3 нормите на бензинците им скрати а на дизелот додаде по некоја коњска сила а со редизајнот од 2003-тата Alfa 166 доби и 3,2 литарски V6 со 240 коњи (7,4 секунди, 245 km/h) и четиривентилска верзија на дизелот со 185 KS (8,0 секунди и 228 односно 8,9 секунди и 218 km/h кај верзијата со автоматски менувач која имаше 10 коњи помалку). Возните својства беа доста добри а комфорот на ниво, но со квалитетот и издржливоста дојде на лош глас и заради слабата продажба производството беше прекинато на почетокот 2007-мата, без наследник. Вкупно беа продадени 99.987 примероци, што беше скоро три пати помалку во однос на продажбата на 164 кој се задржаа десет години на пазарот. Платформата и алатите за производство беа продадени на GAC, кој на таа основа ги лансираше лимузината Trumpchi GA5 и кросоверот GS5.
Во 2009 година британскиот Autocar ја прогласи Alfa 166 за автомобил кој најбрзо ја губи вредноста, после три години задржувајќи едвај 14,4 отсто од почетната цена која на стартот на кариерата во Италија се движеше од 60 до 80 илјади германски марки.