Автомобилот што ја истка легендата за Abarth
» Марката со шкорпија во логото е легенда сама за себе, за што заслуга има Фиќо. Имено, препознавајќи ги потенцијалите за спортски доработки на малиот италијански автомобил, Abarth од него створи вистинска тркачка машина. Лутите гени посебно дојдоа до израз со 850 TC, чии букви во ознаката беа кратенка од Turismo Competizione. Без разлика на значењето на овие зборови, тие отсекогаш ја поврзуваа марката со легендарните височини во кои се вивна благодарејќи на перформансите и звукот кои го подигнуваат адреналинот откривајќи ги сите тајни за уживање во возењето.
Abarth 850 TC настана со преобразба на малиот семеен автомобил на Fiat во брза тркачка ѕверка која освои многу натпревари со зголемување на работната зафатнина на неговиот мотор од 767 на 847 cm³ преку зголемување на пречникот на цилиндрите на 62,5 и одот на клипот на 69 mm. Степенот на компресија беше зголемен на 9,2:1, а беа вградени и нова брегаста оска, Solex карбуратор од 32 mm, нов филтер за воздух, друго коленесто вратило и спортски издувен систем. Резултатот од сето ова беа 52 KS кои ги остваруваше при 5.800 врежи во минута. Со нив 850 TC можеше да постигне 140 km/h, заради што напред беа ставени диск сопирачки. Така, успесите на патеките сами по себе започнаа да пристигнуваат, посебно во тешките трки на издржливост како што беше победата на 500 km Нирбургринг. За да се одбележи овој потфат беше направено посебно издание со 55 KS, а следеше и TC/SS верзијата со уште два коња. Сето ова финализираше со создавање на Abarth 1000 TC, но тоа веќе е друга приказна, уште поуспешна, се разбира.