Електрични возила место Astra
» Дојде крај на немирот меѓу 1.100-те вработени што го предизвика најавата дека новата Astra нема да се произведува во фабриката во Елсмир Порт, Велика Британија – Stellantis ја загарантира нејзината иднина со плановите таму да се произведуваат електрични возила, главно комерцијални. Ќе се стартува со околу 50.000 годишно од популарните Opel и Vauxhall Combo, Peugeot Partner и Citroen Berlingo, а ќе бидат ангажирани работници во две смени. За конверзијата на оваа фабрика која ќе трае до крајот на идната година ќе бидат инвестирани 100 милиони фунти, од кои се претпоставува дека 30 милиони ќе бидат британски државни субвенции.
Во оваа фабрика на северозападот на Англија која постои од 1962 година некогаш работеа и до 12.000 луѓе и се произведуваа по 160.000 возила годишно.