Tags: , ,
Кој е Mercedes EQS?

Повторно раѓање на името Mercedes

» Можеби звучи претенциозно, но не сме далеку од идејата на Mercedes со додавањето на електричната лимузина EQS да редефинира некои работи – најпрво својата понуда во високата класа, а потоа и целиот тој сегмент, по што само по себе ќе следи и повторното раѓање на името на марката и поимањето на светот како ја гледа. Гледајќи го EQS, сигурни сме дека чекор по чекор Германците навистина ќе го сторат тоа. Затоа и во неговиот развој е вложено многу време и пари, а најмногу труд за потполно новата модуларна архитектура која ќе се користи за сите идни поголеми електрични модели со трикраката ѕвезда.

А таа јасно е истакната на новиот Black Panel преден дел кој го насочува погледот кон заоблените линии на каросеријата и према напред поместената кабина, што веднаш става до знаење дека EQS е нешто посебно, сосема различно од останатата гама задвижувана со мотори со внатрешно согорување. Купеовски извлечениот заден дел го заокружува тоа, правејќи го со коефициентот на отпор на воздухот од 0,20 најаеродинамичниот сериски произведен автомобил во светот. Иновативните технологии со кои EQS располага започнуваат со предните светла поврзани со светлосна лента кои со револуционерна Digital Light технологија со која располагаат овозможуваат проектирање на траекторијата на движење или симболи за предупредување на патот. Внатре најголема (во буквална смисла на зборот) иновација е закривениот MBUX Hyperscreen екран кој се протега по целата ширина на возилото. Тој всушност е составен од три дисплеи покриени со стакло кое дава впечаток дека се претопуваат во еден. Внатрешноста е климатизирана со посебен Energizing Air Control Plus систем, а целото возило и сé околу него го надгледуваат 350 сензори контролирани со вештачка интелигенција.

Механиката (засега) е базирана на два погонски склопа, со еден или два електромотора, 333 или 524 KS и погон на задните или сите четири тркала. Батериите кои се од новата генерација со значително поголема густина на складирање на енергијата ќе доаѓаат во две пакувања, од 90 и 108 kWh, од кои поголемите ќе овозможуваат цели 770 километри автономија. Можат да се полнат со моќност до 200 kW на брзи еднонасочни полначи, од кои за само 15 минути ќе извлечат струја за 300 километри. За полесно справување со градските метежи системот за управување делува и на задната оска која може да се сврти и до 10 степени, со што пречникот на свртување на оваа 5,2 метри долга лимузина изнесува само 10,9 метри.

Приказната за EQS не завршува тука. Напротив, ова е само нејзиниот почеток, а продолженија први ќе ги дознаат купувачите кои своите возила ќе започнат да ги добиваат од ноември годинава. Цените ќе ги дознаеме дополнително.

» фото галерија
» видео галерија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *