Zastava 101 наполни 50 години
» Беше тоа убаво пролетно утро на 16 април 1971 година, кога на јубилејниот 10-ти салон на автомобилите во Белград Zastava го претстави моделот 101 кој ја дефинираше иднината не само на компанијата, туку и на моторизацијата на целата некогашна заедничка држава. Приказната за неговото настанување започна при крајот на 60-тите години, кога раководството на Zastava од Fiat побара нов модел кој ќе се смести меѓу Фиќо и 1300. Им беше понуден 124, но од Крагуевац бараа посовремено и попрактично решение. А Италијанците имаа токму такво – една од отфрлените варијанти на 128 со петта врата. Падна договор и производството на Zastava 101 започна на 16 ноември 1971 година, а траеше сé до 21 ноември 2008-мата. За тие 37 години беа произведени 1.045.458 примероци.