Tags: ,
Bristol (1946-2020) – видео

За оние на кои Rolls-Royce им е преобичен

» Британската авионска индустрија претрпе драматични загуби на нарачки и преживеа големи финансиски тешкотии по примирјето од 1918 година. Поучен од тоа искуство, директорот на производителот на авиони Bristol Aeroplane сер Стенли Вајт кој беше на чело на компанија од 1911 до 1954 година, по избувнувањето на втората светска војна веднаш презеде чекори да не ги влече истите маки по втор пат. Компанијата тогаш имаше 70.000 вработени и мораше предвреме да се мисли и планира што после кога ќе заврши побарувачката за воени авиони и авионски мотори. Стапи во контакт со производителот на автомобилите Frazer Nash кој воедно беше и британски увозник на BMW пред војната со планови за заедничко вложување во производството на автомобили. Неговиот син Џорџ уште од 1941-вата интензивно работеше на идејата анализирајќи што ќе биде најдобро и беше одлучено да се купи постоечки производител. Беа земени предвид Alvis, Aston Martin, Lagonda, ERA и Lea-Francis.

Но во мај 1945 година плановите малку се променија и беше договорено итно купување на Frazer Nash од страна на Bristol – тоа се чинеше совршено решение заради совпаѓањето на плановите и желбите на раководството и на двете компании. Сопствениците на Frazer Nash обезбедија лиценца од BMW за производство на три модели и моторот од 328 и Bristol Aeroplane формираше дивизија за производство на автомобили. Првиот модел наречен Bristol 400 направен со комбинација на шасијата на BMW 326, каросеријата на 327 и моторот од 328 беше претставен на салонот во Женева 1947 година. Но набргу потоа разликите меѓу клучните луѓе што дојдоа од Frazer Nash и оние од Bristol се продлабочија, што дојде до препродавање на Frazer Nash, а автомобилската дивизија на Bristol се издвои како независна компанија. Следеа серија модели во кои до 1961-вата се вградуваа деривати на предвоениот моторот од BMW произведувани од Bristol, но заради малите серии тоа беше неисплатливо. Затоа во 1961-вата се започна со вградување на големи V8 машини од Chrysler. И така сé 2011-тата кога компанијата згасна.

Сите автомобили се правеа рачно. Никој не знае колку точно се произведени бидејќи од Bristol ретко ги објавуваа податоците за продажбата и техничките спецификации, но сепак не се повеќе од неколку илјади. Цело време го негуваа истиот концепт и ја чуваа репутацијата дека нивните автомобили се за вистинските познавачи, оние на кои моделите на Rolls-Royce и Bentley им се преобични. Линиите ретко се менуваа, маркетинг немаше, а купувачите можеа да ги разгледаат возилата во единствениот продажен салон во лондонски Кенсингтон. Карактеристика им беше сместувањето на резервното тркало на необично место во предното лево крило меѓу предното тркало и вратата. Последниот нивни модел Fighter кој имаше 8,0 литарски мотор од Dodge Viper беше најавен и во турбо верзија со 1.012 коњски сили, способен за брзина од 430 km/h, но лимитиран на повеќе од адекватни 362 km/h. Но веројатно не е направен ниту еден примерок од него.

Во 2016-тата беше направен обид марката да се рестартира, но беше комплетиран само еден прототип од  моделот наречен Bullet со каросерија од јагленородни влакна поставена на шасија од Morgan Plus 8 со V8 мотор од BMW.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *