Од Laurin & Klement до Enyaq iV
» Škoda овие денови одбележи уште еден значаен јубилеј – од производствените ленти на главната фабрика на чешката компанија се симна 15-милиониттото возило. Производството на автомобили во Млада Болеслава датира уште од 1905 година, кога оваа фабрика припаѓаше на компанијата Laurin & Klement од која подоцна настана Škoda. Токму таа година основачите на компанијата Вацлав Лаурин и Вацлав Клемент одлучија да престанат да произведуваат велосипеди и да се фокусираат само на мотоцикли и автомобили. Таму е направен и првиот нивни модел A Voiturette, во халата која постои и денес и се користи за музејот на Škoda.
Во денешната современа фабрика се вработени дури 29.100 луѓе, кои во моментов произведуваат шест модели – Fabia, Scala, Octavia, Kamiq, Karoq и електричниот Enyaq iV. Таа е единствена во групата VW во која на иста монтажна лента се произведуваат возила со мотори со внатрешно согорување на MQB платформата и електрични возила на новата MEB платформа.