Освежена и дотерана
» Својот модел со средна големина Mercedes го произведува од 1946 година. Епитетот „срце“ на брендот го заслужува со бројката од 16 милиони продадени примероци. Ниту еден модел излезен од Штутгарт нема постигнато подобар резултат. Актуелната 10-та генерација на Е-класата е претставена 2016 година, а до сега го има пронајдено патот до 1,2 милиони купувачи. Имплементирањето на новите технологии во кои е вклучено и полуавтономното возење во комбинација со перфектниот имиџ го постигнаа очекуваниот ефект. Заради тоа и апдејтирањето на моделот се прави со цел да се остане на самиот технолошки врв – и тоа не само во својата класа.
Уште на почетно ниво на опременост е достапен спортскиот Avantgarde пакет, предната маска има нов дизајн, нов е обликот и на предните светла, а ЛЕД осветлувањето доаѓа како стандардна опција. Темелна промена е направена во задниот дел каде може да се забележат сосема нови светла и изглед на багажникот. Во внатрешноста се направени неколку промени, но најзабележителни се новиот управувач со контроли на допир и двата големи екрани како стандард. Достапна е најновата генерација на MBUX системот за гласовна контрола на функциите во возилото, како и Energizing Comfort функцијата. Преку неа може да се регулираат температура во возилото, музиката, амбиенталното осветлување, греењето на седишта и програмите за масажа.
Што се однесува до системите за асистенција, кај Е-класата се достапни најновите функции како што се Active Distance Assist Distronic со регулирање на брзината при движење по рута, односно доколку системот детектира бавно движење на сообраќајот уште пред да реагира возачот ја намалува брзината на движење на околу 100 km/h како мерка на претпазливост, потоа Active Tailback Assist кој при движење во колона на автопат може автоматски да ја одржува брзината и безбедно растојание до 60 km/h, Active Brake Assist со Cross-traffic функција со која доколку постои опасност од судир при нагло вртење возилото автоматски застанува, Active Blind Spot Assist со предупредување при излез на други учесници во сообраќајот како што се лица кои управуваат велосипеди или мопеди, и друго.
Моторната понуда се состои од два дизелски агрегати со 194 и 330 KS и пет бензинци со 197, 258, 367 и 435 KS. Плаг-ин хибридната дивизија ја сочинуваат бензинецот од 211 KS и дизелот со 194 KS кај кои електромоторот помага со 90 kW, па така вкупната силина им изнесува 320 односно 306 KS.