» , ,
Opel Vivaro-e се закити со престижната награда „Интернационално комерцијално возило“ за 2021-ва

За две години две IVOTY титули

» Електричниот Opel Vivaro-e беше избран од стручното жири составено од 24 новинари и издавачи од независни ревии за лесни комерцијални возила за „Интернационално комерцијално возило“ за 2021-ва година. Достапен во три должини и со многу варијанти на каросеријата, тој им овозможува на професионалците да ја искористат предноста на бескомпромисната подвижност со нула емисии на CO₂ до „последниот километар“. Клиентите на Vivaro-е можат да изберат помеѓу две големини на литиум-јонските батерии, во зависност од нивните потреби – од 75 kWh за автономија до 330 km, или за оние кои имаат помалку интензивна дневна употреба на своето возило, од 50 kWh за повеќе од 230 km според WLTP.

„Ние сме многу горди што новиот Vivaro-e е избран за интернационално комерцијално возило за 2021 година“, изјави извршниот директор на Opel, Мајкл Лохшелер. „Би сакал да им се заблагодарам на стручното жири на IVOTY за оваа награда која е најпрестижна и најпосакувана во секторот на лесни комерцијални возила. Vivaro-e поставува нови стандарди во својот сегмент на пазарот и ја води електрификацијата во гамата на лесни комерцијални возила на Opel. Следната година ќе ја додадеме ознаката „е“ на Combo и Movano, кои ќе бидат целосно електрифицирани пред крајот на 2021-вата.  Денес Opel забрзано ја електрифицира целата своја гама, со веќе достапни шест модели како електрични или хибридни. До 2024 година ќе имаме електрифицирани верзии на сите наши патнички и лесни комерцијални возила“.

Базиран на EMP2 платформата на групацијата PSA, Vivaro-e нуди исклучително широк спектар на системи за помош при возење – како што е признато од жирито на IVOTY. Покрај head-up дисплејот, Vivaro-e има и помош за одржување на лентата на возење, проширено препознавање на сообраќајните знаци, предупредување за поспаност, предупредување за можен удар напред и автоматско сопирање во итни случаи. Opel веќе ја освои наградата „Интернационално комерцијално возило на годината“ со Astra Van во 1999 година, првата генерација на Vivaro во 2002 година и Combo во 2019 година.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *