Мало, ама техничарче
» Еден од култните модели кои во оваа 2020-тата слават 50 години од своето појавување е и малиот јапонски теренец Suzuki Jimny. Но за разлика од бројните други кои со тек на времето се трансформираа според трендовските барања на купувачите, тој остана верен на својата оригинална идеја за употребливост. Сé започна кога инженерите на Suzuki во 60-тите години стартуваа со работа на нов 4×4 модел од кој сакаа да извлечат максимум теренски перформанси но да му ја задржат компактноста според јапонските критериуми за мал автомобил.
Тоа во 1970-тата резултираше со моделот LJ10 со три метри должина и меѓуоскино растојание од само 1,93 метри. Имаше отворена каросерија со три седишта, двотактен двоцилиндричен мотор од 359 cm³ со 24 KS и постигнуваше едвај 75 km/h, но веднаш стана хит. Малите димензии и тежината од само 586 kg заедно со крутата шасија и погонот на сите тркала со редуктор му обезбедуваа да помине таму каде никој не можеше ни да замисли. Веднаш започна развојот на LJ20 кој се појави во 1972-рата со малку посилен водено ладен мотор, кој ја напушти Јапонија и започна да се извезува.
Вистинската експанзија сепак беше со SJ10 од 1975 година со трицилиндричен мотор од 539 cm³ кој воедно и прв го понесе името Jimny. Успехот на првата генерација го круниса последната SJ20 верзија од 1977 година со четирицилиндричен четиритактен мотор од 797 cm³ со 42 KS и сеопфатно преработена каросерија. До крајот на кариерата оригиналниот модел во своите четири итерации беше извезуван во преку 100 земји во светот, создавајќи му на наследникот одлична база за освојување уште повеќе купувачи.
Кај нас познат како Suzuki Samurai, тој се појави во 1981 година. Беше развиен како глобален модел за секојдневна и градска употреба, со фокус на атрактивниот дизајн и практичноста. Во текот на неговите 17 години постоење моторот му стануваше сé поголем и сé посилен, а едно време во Шпанија се произведуваше и со дизел мотор од Peugeot. Растеше и во габаритите, но димензиите сепак остануваа компактни, а не се промени ниту техничката подлога, која му овозможи да ги задржи неприкосновените теренски можности. Од него се произведуваа по 10.000 единици месечно, од кои 70 отсто беа наменети за извоз.
Третата генерација претставуваше мала револуција со својот заоблен и модерен дизајн кој обезбеди да остане на пазарот неверојатни 20 години, сé до појавувањето на сегашниот Jimny во 2018-тата. Тој покрај својот иницијален стилски идентитет ги задржа сите битни карактеристики на своите предци, докажувајќи дека спојот на некогашното и модерното е формула која знае да успее само ако е изведена од вешти раце. Последниот во низата успеси го забележа пред некој ден, кога комплетната пратка од 1.000 примероци, прва која пристигна во Мексико откако започна да се произведува, комплетно беше распродадена за само 72 часа.