Што знаеме за Иран?
» Освен она што ни го сервираат меѓународните политички вести, за Иран ништо не знаеме, дури ни тоа дека во земјата со 83 милиони жители годишно се продаваат меѓу 700 илјади и 1,6 милиони возила, колку што варираше продажбата во последните 15 години, ниту пак дека иранскиот пазар е најголем на Блискиот Исток. Исто така не знаме ни кој што сé произведува таму, затоа и ваквите вести за нас делуваат егзотични, но за земјата која постојано е под некаков си вид санкции, секојдневно реални. Затоа ќе започнеме од почеток.
Возилата на Renault во Иран се произведуваат уште од 1976 година, но заради санкциите француската компанија не можеше посериозно да настапи на пазарот. Рестрикциите малку олабавија во ’90-тите, соработката се интензивираше, а во 2004-тата со државната организација за обнова и развој на индустријата е основана заедничката компанија Renault Pars задолжена за менаџирање со монтажата на разни модели на групата од страна на локалните производители Iran Khodro и Pars Khodro, кој е филијала на Saipa. Dacia Logan од првата генерација се монтираше и во двете наведени фабрики, но пред две години Renault под притисок на САД мораше да го напушти Иран.
Тогаш од Saipa самоуверливо истапија дека ќе започнат со реализација на план за производство на Logan (локално наречен Tondar) во рок од 18 месеци, користејќи главно домашни компоненти, вклучително моторите и менувачите, а од увозните само оние што можат да се увезат. Пробивајќи го малку рокот, сега од вториот по големина ирански производител на возила пристигнуваат вести дека успеале да локализираат преку 85 отсто од деловите и производствените технологии за повторно производство на првата генерација на Logan. Додадоа уште и дека новиот автомобил ќе биде направен по повисоки стандарди во споредба со претходните правени под контрола на Renault.