Феникс на новото доба
» Приказната за легендарната птица која воскреснала од својата пепел не ја знаеме баш добро, ама сигурни сме дека таа во целост важи за Hummer, кој после една деценија се врати на овој свет, сега како електричен пикап и под ознаките на филијалата на General Motors задолжена за теренци и пикапи, GMC. И покрај тоа што ќе започне да се продава при крајот на наредната година, самото негово појавување предизвика вистинска турбуленција на американскиот пазар. Оправдано, затоа што сите бројки за него привлекуваат максимално внимание и на младо, и на старо.
Ќе започнеме со најокруглата – илјадата коњски сили (според американските стандарди, според европските 1.014) кои ги добива од трите електромотора. Втората, уште позабезекнувачка е максималниот вртежен момент од неверојатни 15.592 Nm, еднакво на седум-осум шлепери од најголемите и најјаките. И третата е горе-долу таква за ваков тип возило – забрзувањето до 100 km/h за 3 секунди.
Поблиску до земјата но сепак во облаците нé спушта автономијата, која сé уште е импресивни 563 km. Но само за кратко – во стратосферата повторно враќа цената која официјално ќе биде 79.990 долари, ама реално ретко кој ќе го купи за сума која нема да има шест цифри. Таму ќе задржи и читањето на сите можности што GMC Hummer ги има – од теренските (може да помине низ вода длабока 61 сантиметар) до комфорните и практичните, како адаптивното воздушно ослонување или UltraVision камерите кои ја покажуваат сликата под возилото.