Tags: , ,
Suzuki ги одбележува своите први сто години (фото галерија, видео)

Од разбои за ткаење до вонбродски мотори

» Иако корените на Suzuki одат наназад до 1909 година, таа како официјален датум на своето основање ја наведува 1920-тата, кога Suzuki Loom Manufacturing започнува со работа. Но без разлика на датумот дејноста беше иста – производство на разбои за ткаење, сé до 1937 година кога нејзиниот основач Мичио Сузуки согледувајќи ги новите бизнис-перспективи разви прототип на автомобил. Втората светска војна ги прекина неговите планови и компанијата повторно се врати на разбоите, до 1952 година кога беше лансиран моторизираниот велосипед Power Free со мотор од 36 cm³ и една коњска сила. Инстантниот успех беше поттик компанијата да го смени името во Suzuki Motors во 1954 година, за во наредната ’55-та да го претстави првиот мотоцикл Colleda, од кој за шест години се продадоа околу сто илјади примероци.

Истата година се појави и малиот Suzulight, кој ги најави во Јапонија доста популарните кеи автомобили. Долг 3, широк 1,3 и висок 1,4 метри, му беше доволен двотактен мотор од 360 кубни сантиметри со 16 коњски сили. Од него се разви цела серија возила – седан, комби, пикап, а и сите возила на компанијата го носеа неговиот назив сé до 1965 година кога се појави Suzuki Fronte 800. Истата година се појавува и првиот вонбродски мотор. Клучна за автомобилите беше 1967-мата, кога се појави моделот 360 ​​LC 10 со мотор сместен назад. Од него за една година беа направени скоро двесте илјади примероци, кои го промовираа Suzuki во најголем светски производител на двотактни мотори, а со отворањето на фабриката за мотоцикли во Тајланд компанијата започна да го шири производството интернационално. Покрај мотоциклите, името Suzuki го раширија низ светот уште два модела – LJ10, претходникот на Jimny односно Samurai претставен во 1970 година и Swift во 1983-тата, што беше зацврстено со Vitara во ’88.

Денес Suzuki делува под закрила на Toyota, има 33 фабрики во 23 земји и годишно произведува по 3 милион автомобили и 1,7 милиони мотоцикли.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *