Рекордерот за рекордна цена
» Ова што го гледате е Ferrari Arno XI од 1952 година. Овој тркачки глисер е направен од компанијата Cantieri Timossi специјално за освојување на светски брзински рекорд. Затоа и има аеродинамично обликувано тело од тврдо дрво прекриено со махагони во пределот на структурата, додека горниот дел е обоен како автомобил на Ferrari. Во карактеристична црвена боја е и коженото седиште. Масивната перка како на ајкула која се протега од зад главата на пилотот до задниот крај треба да го стабилизира при големи брзини.
Целиот проект го има осмислено тркачот со глисери Ахиле Кастолди, а најважното е дека за погон на овој уникатен рекордер во брзина на вода е употребен Ferrari V12 мотор, и тоа од формула 1 болидот 375, кој му ја донесе првата победа на тимот во најбрзиот циркус. За повеќе сила тој е модификуван со по две свеќички на цилиндар и два големи механички компресори. Како погонско гориво користеше метанол, а испорачуваше меѓу 550 и 600 KS. Сето сработено му овозможи да дојде до посакуваниот светски рекорд постигнувајќи на езерото Комо дури 242,708 km/h. После тоа се употребуваше за трки на вода, сé до 1970 година до кога постигна 43 победи.
Во 2012 се најде на аукција на која беше продаден за 868.000 евра. Сега повторно се продава, а се очекува да постигне цена поголема од 10 милиони.