Tags: , ,

Ни на небо, ни на земја но во целост по желба на купувачите

» Откако беше лансиран во 2019 година, Kia xCeed како блага кросоверска верзија на популарниот хечбек на јуриш ги освои купувачите опфаќајќи скоро 40 отсто од вкупната продажба на моделот. Сфаќајќи го неговиот пазарен потенцијал, три години подоцна доби фејслифтинг кој не е револуционерен, но ниту пак во стилот пробајте да најдете 10 разлики, иако можеше и така да помине. На предниот дел се забележуваат редизајнираните светла, новиот браник и модификуваната маска, на местото на светлата за магла кои сега се интегрирани во главните светла се сместени отвори кои го насочуваат воздухот околу тркалата, додека измените на задниот дел потешко се забележуваат.

Секако, гените на автомобилот останаа исти – xCeed не е класичен SUV, ниту пак кросовер, туку модел кој комбинира карактеристики на различни видови автомобили – каросеријата му потсетува на хечбек со закосена линија на покривот и повисоко растојание од подлогата кое е поголемо и од она на Sportage. Накратко кажано, ни на небо, ни на земја но во целост по желба на купувачите. Заедничко со стандардниот Ceed му е меѓуоскиното растојание од 2.650 милиметри, но заради нешто подолгите превеси xCeed е за 85 милиметри подолг. Во исто време е и за 26 милиметри поширок а има и поголем багажен простор – 426 место 395 литри, кој кога ќе се преклопат наслоните на задните седишта нараснува на 1.378 литри.

Најважната предност покрај дизајнот која xCeed во споредба со Ceed ја има е пространоста. Влегувањето и излегувањето е поедноставно, а место за нозете и главите има и за патниците со натпросечни габарити. Мора да се пофали и квалитетот на материјалите, како и завршната обработка, од кои не би се засрамила ниту премиум конкуренцијата. Сите детали се прецизно изработени и споени, а најголем дел од пластиката е мека и пријатна на допир. Дигиталната инструмент табла од 12,3 инчи има убава графика, централниот панел од 10,25 инчи е благо свртен кон возачот а контролите за подесување на јачината на звукот и зумирање на мапата за навигација се ротирачки. Одличната ергономија на ентериерот ја дополнуваат командите на мултифункционалниот управувач кои се лесни за употреба.

За xCeed во понуда се пет мотори – бензински еднолитарски трицилиндричен со 120 коњски сили, четирицилиндрични 1,5 и 1,6 литарски со 160 и 204 KS, 1,6 литарски плаг-ин хибрид со 141 и исто толкав дизел со 136 KS. Силата се пренесува на предните тркала преку шестстепен мануелен или седумстепен менувач со двојна спојка. За ослонувањето инженерите на Kia заслужуваат само пофалби – резултатот од нивната работа е пријатно удобен автомобил кој одлично ги впива нерамнините и дупките на патот а водењето низ свиоци е прецизно и стабилно.

Сé на сé xCeed е модерен компактен полукросовер со одличен изглед и солидна пространост и практичност. Kia се погрижи да има модерна опрема, одлична ергономија и врвни мотори, а што е најважно, не претера со цената.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *