
Техничко совршенство
» Се прашувате ли како еден ултимативен спортски автомобил може толку да издржи на пазарот? Одговорот го знаат јапонските инженери кои го креираа Nissan GT-R, за кој сите едногласно ќе се сложат дека е техничко совршенство. Важи за еден од најнапредните и најбрзи автомобили на планетата кој не е класифициран како суперавтомобил но има перформанси во нивниот ранг – максималната брзина му изнесува 310 km/h, а за спринт од место до стотка му требаат само 3,5 секунди. Притоа цената му стартуваше од 7.770.000 јени, 77.840 долари, 56.795 фунти или 74.990 евра, што беше околу двојно помалку од европската конкуренција.
Се појави во 2007 година на салонот на автомобилите во Токио, две години по на исто место прикажаниот прототип и седум после првичниот концепт од кои ги задржа линиите и основната визија – да изгледа единствено, да не наликува на ниту еден друг европски или американски брз автомобил и истовремено да биде функционален за секојдневно возење. Инженерите имаа голема слобода но дословно ги почитуваа сите поставени постулати и направија автомобил кој е особено мускулест, но не и пренизок заради што влегувањето и излегувањето во него се едноставни, има добра прегледност и лесно е да се вози. Во однос на изгледот очигледно е дека не станува збор за италијански, германски, американски или некој друг автомобил – веќе на прв поглед на сите им е јасно дека е јапонски. Тој изгледа некако механички, скоро како робот од цртан филм – метален, со широки рамења, моќен и мускулест. Неговите дизајнери не сакаа да има фини, отмени црти, туку оригинален облик различен од сите други стилови.
Моторот што го задвижува претставува вистински бисер меѓу бисерите. Од 3,8 литри работна зафатнина потпомогнат со твин-турбо натполнење развива максимални 480 коњски сили при 6.400 вртежи во минута и најголем вртежен момент од 588 Nm во распон од 3.200 до 5.200 вртежи. Истовремено е и ефикасен и со оглед на карактерот економичен и еколошки. Компонентите на комората за согорување обработени со плазма, дебелината на кошулките на цилиндрите изнесува само 0,15 милиметри, блокот е алуминиумски, а за подмачкување се користи посебно синтетичко масло. Турбо компресорите имаат исклучително брз одзив, а напредниот електронски систем се прилагодува на климатските и висински промени обезбедувајќи во секои услови врвни перформанси. Системот за ладење функционира под висок притисок, се лади и моторното масло, а постојаноста на дотокот на гориво го обезбедува помошен резервоар во главниот резервоар. Целата погонска група заедно со менувачот се составува рачно, според принципот еден мотор, еден инженер. А нив ги има 12 кои работат во посебна просторија наменета само за тоа.
Еден од многуте необични тестови кои Nissan GT-R мораше да ги помине пред излегувањето на пазарот беше и тоа при возењето со 300 km/h возачот и совозачот да можеа нормално да разговараат без повишување на гласот. За испитување на однесувањето при големи брзини беа користени германските автопатишта и тест патеката на Nissan во Аризона каде GT-R кружеше со наведената брзина од 300 km/h на температура од 43° степени целзиусови. Но за разлика од многу други високоперформансни автомобили кои на дожд или снег остануваат во гаража, тоа не претставува проблем за него благодарение на напредниот систем на погон на сите четири тркала и совршената распределба на тежината добиена со поставување на спојката и менувачот пред задната оска. Звучи како лага бидејќи моторот е сместен напред, но вистина е – моторот со менувачот, како и менувачот со предните тркала, се споени со лесни кардански вратила направени од јагленородни влакна. Ваквото решение ја подобри и агилноста и овозможи подобро кочење. Распределбата на вртежниот момент меѓу предните и задните тркала ја надгледува компјутер и тој сооднос се менува на секои 0,2 секунди од 50:50 до 100% само на задните тркала.