Посебните предизвици бараат посебни решенија
» Некаде на почетокот на 20-тиот век, поточно во 1907-ма година, планинското кнежевство Црна Гора имаше потреба од возила за превоз на товар и патници на поштенските и автобуски релации од Подгорица до Цетиње, Никшиќ и Плав, како и од Цетиње до пристаништето Котор на јадранскиот брег. Победникот на тендерот требаше да добие ексклузивен договор за целата национална територија во наредните 15 години. Покрај неколкуте италијански производители на автомобили на него се пријави и претходникот на денешната Škoda, Laurin & Klement. Компанијата која првобитно беше основана како сервис за поправка на велосипеди тогаш веќе порасна до најголем производител на возила во Австро-Унгарија и извезуваше 70% од своето производство. Рецептот за успехот лежеше во тоа на секој клиент да му се понуди решение „клуч во раце“, така што за да се увери што точно им треба на Црногорците, Вацлав Клемент кој беше еден од основачите на компанијата ја посети малата балканска земја во која доминираат тесни планински патишта со стрмни нагорници и екстремно остри свиоци.
Овие живописни рути бараа специфично конструирани возила кои Laurin & Klement им ги понуди. Наменски наречени Černa Hora беа доста компактни, долги само 3,69 и широки 1,60 метри, но истовремено нудеа простор за 12 патници или 4,8 кубни метри товар. Максималната носивост беше 900 килограми, а во приколката може да се превезуваат дополнителни 1.500 килограми. Како основа послужи моделот Laurin & Klement E, кој претрпе големи измени. Предниот дел на шасијата беше стеснет на само 700 mm, со што трагите на тркалата беа намалени на 1.300 mm. Тоа овозможи широк агол на управување за да можат да се совладаат тесните свиоци. Еднакво важни беа исклучително краткото меѓуоскино растојание од 2.210 mm, како и препустите од 450 mm напред и 1.030 mm назад. Компактните габарити на возилото наложуваа иновативни идеи за максимизирање на внатрешниот простор. Решението беше најдено во напредниот концепт кој и ден-денес се користи – сместување на моторот под седиштата. Иако возачот и совозачот седеа исклучително високо на 1,68 метри, на црногорските патишта немаше ниски тунели, а брзината од 20 до 30 km/h не ја загрозуваше стабилноста на возилото кое имаше висина од 2,82 метри. За погон се користеше мотор со четири цилиндри составен од два блока со по два цилиндра, со вкупна работна зафатнина 4.652 cm³, кој развиваше 35 KS. Силата се пренесуваше на задната оска со конусна спојка обложена со кожа и четиристепен менувач.
Договорот беше потпишан во јули 1908 година, а еден месец подоцна во фабриката во Млада Болеслава започна производството на шест автобуси, еден камион и два фургона, кое траеше до ноември. Автобусите можеа да примат до пет лица кои патуваа во кабина со две врати и четири прозорци која беше одвоена од возачот, а од задната страна имаа багажен простор од 1,3 m³ за превоз на пошта. Имаше и таканаречена летна каросерија со покрив но без странични стакла и простор за багаж, во која беа поставени две надолжни клупи за по петмина патници. Возилата на Laurin & Klement успешно го помина оперативниот тест во Црна Гора во јануари 1909 година, по што влегоа во употреба. Принцот и иден крал Никола I беше толку задоволен што на некои од нивните возачи им додели ордени. Беа во цивилна употреба до 1912 година, за во првата балканска војна да ги користат црногорската војска и црвениот крст. По нејзиното завршување повторно служеа како поштенски возила до 1916-тата кога Австро-Унгарија ја нападна Црна Гора. Колку е познато, не е сочуван ниту еден примерок од нив.