Автобуска икона која низ генерациите поставува стандарди
» Иако официјално сé започна 1951 година, корените на историјата на Setra датираат дури од крајот на 19-тиот век кога германскиот бизнисмен Карл Хајнрих Кесборер ја има основано компанијата за производство на вагони на која и го има дадено своето семејно презиме. Развивајќи се со текот на децениите согласно барањата на пазарот, таа уште пред првата светска воја има започнато со изработка на автобуси, всушност надградби за нив користејќи камионски шасии. Но на почетокот на ’50-тите години во компанијата доаѓаат на идеја за развој на сопствена конструкција која ќе им овозможи поголем ангажман и профит. Така беше развиена самоносечка структура која беше користена за автобуската надградба место камионската шасија. Истовремено, за подобар пласман на извозните пазари, сопствениците на компанијата сфатија дека нејзиното име е тешко изговорливо надвор од германското говорно подрачје и решија новите автобуси да ги пласираат под името Setra, како кратенка од германскиот збор Selbsttragend, односно самоносечки.
Нормално, веќе првите модели автобуси обезбедија Setra интензивно да се пробива на пазарот. Водени со позитивните резултати, инженерите на компанијата при крајот на ’50-тите години развија модуларен принцип за конструирање на автобусите, прв во индустријата. Благодарејќи на неговата добра обмисленост беше можно да се воспостави ефикасен систем за производство на повеќе разни и поголем број автобуси. Така за помалку од деценија марката веќе нудеше дури девет модела кои меѓусебе делеа бројни заеднички компоненти. Понатамошниот развој ги донесе препознатливите линии на автобусите кои веќе се среќаваа низ сите европски меридијани. Купувачите станаа свесни за нивниот квалитет и во времето кога автобускиот превоз беше во експанзија практично не прашуваа за цена. Удобноста и практичноста беа гарантирани со германската прецизност во обработката, а задржувањето на вредноста на возилото и после стотици илјади па дури и повеќе од милион поминати километри никогаш не беше доведено во прашање.
Компанијата која од 1995 година работи под капата на Daimler во моментов ја произведува својата шеста генерација автобуси, поделена во три категории во зависност од намената.