Да, вакво нешто навистина постои!
» Првата A-класа стана позната по разни нешта. Таа беше најмалиот Mercedes, имаше невообичаената конструкција со двојно дно а целата планета за неа слушна кога се покажа дека не е стабилна и се превртува при остро возење. Иако германските инженери би сакале да заборават на тоа, истовремено не се откажуваа да докажат дека малиот моноволуменец може повеќе. Затоа и бараа начин како да ја направат поспортска. И додека најдалеку што Mercedes отиде беше A 210 Evolution верзијата со 140 коњи, AMG настапи порадикално најпрво подготвувајќи го прототипот A 32K со 3,2 литарски компресорски V6 мотор од SLK кој своите со 354 KS ги испраќаше на задните тркала, а потоа изненадувајќи со уште поинтересната А 38 верзија за која имаа сосема поинаков пристап.
Имено, настаната од стандардниот А 190 модел, тие во нејзиниот заден дела вградија уште еден идентичен 1,9 литарски мотор како и оној во предниот дел, кои на сите четири тркала испорачуваа вкупно 250 коњски сили. Каросеријата и ослонувањето беа специјално доработени за тоа, а беа ставени сопирачки од E 55 AMG. Благодарејќи на високата сендвич конструкција на подот имаше место задниот мотор да се смести под дното на багажникот кој остана нечепнат. Него возачот можеше едноставно да го исклучи со притисок на копче, добивајќи на тој начин повеќе или помалку стандардна А-класа за возење. Во однос на неа визуелните разлики се минимални – кај браниците, проширените крила и двојниот издувен систем.
Од оваа екстремна А-класа која навистина е волк во јагнешка кожа направени се вкупно четири примероци, од кои по еден се испорачани на тогашните F1 возачи на McLaren-Mercedes, Дејвид Култард и Мика Хакинен.